Советниците повторно не дадоа “амин“ за нови градски автобуси

Советниците на Град Скопје ниту на денешната седница не го изгласаа предлогот за набавка на новите градски автобуси во која се предвидува градот да земе кредит од некоја од комерцијалните банки. Исто така на оваа седница не се изгласа ниту предлогот за воведување на брзиот автобуски превоз ( БРТ). Предлогот со автобусите по кој знае кој пат беше ставен на седница од страна на Арсовска но исто толку пати не беше гласан од страна на советниците. Градоначалничката во една прилика изјави дека ќе го става на седница се додека не се изгласа, па за оваа ситуација некако и се навикнавме да ја гледаме.

За да помине една одлука во советот на Град Скопје потребни се и гласовите на советничкаа група на ВМРО-ДПМНЕ. Токму во овој случај и во неколку други ситуации предлозите на Арсовска не можат да поминат на советот.

Во реакцијата која стигна од Град Скопје која наликува повеќе на партиско соопштение се вели дека советниците на Христијан Мицкоски продолжуваат со блокадите кои се од интерес на граѓаните.

- “Се работи за срамна одлука на советниците на ДПМНЕ која доаѓа по директна партиска директива од раководството на партијата. Советниците на Мицкоски уште еднаш покажаа дека партиските и личните интереси ги ставаат пред интересите на граѓаните. Градската администрација нема да се откаже од модернизирањето на возниот парк на ЈСП „Скопје“ затоа што тоа е приоритет кој произлегува од програмата која победи на изборите, програмата „За модерно Скопје”. Работиме на сериозни решенија на надминување на оваа блокада со цел остварување на јавниот интерес, интересот на скопјани“, се вели во соопштението на Град Скопје