Што се гори во печките на „Дрисла“ и каде се инспекторите, прашуваат активистите

Што се гори во печките на „Дрисла“, што се складира, каков отпад и каков е третманот на тој отпад, дали се запазуваат законите и стандардите, се дел од прашањата кои активистите од „Движењето за чист воздух“ вчера ги доставиле до раководството на скопската депонија.

Тие исто така бараат од „Дрисла“ и од Град Скопје да одговорат дали имаат прецизна листа на компании кои депонираат отпад и каков вид отпад, а доколку одговорот е потврден, тие прашуваат дали „Дрисла“ го согорува тој отпад.

Активистите што минатата недела направија петнаесетминутна блокада  пред влезот на „Дрисла“ повикуваат на одговорност и транспарентност околу прашањата кои создадоа голем сомнеж во јавноста дека еден од главните причинители за енормното загадување на Скопје е незаконското и несовесното менаџирање со отпадот во „Дрисла“.

„Ние членовите на ‘Движењето за чист ВОЗДУХ’ на 01.02.2019 при блокадата на ЈП ‘Дрисла’ ги поставивме следниве прашања и ве молиме да ни одговорите на истите: Што се гори во печките на ‘Дрисла’, што се складира, каков отпад и каков е третманот на тој отпад, дали се запазуваат законите и стандардите? Дали ЈП ‘Дрисла’ и Град Скопје имаат прецизна листа на компании кои депонираат отпад и каков вид отпад? Доколку одговорот е позитивен, дали евентуално ЈП ‘Дрисла’ го согорува тој отпад? Дали ЈП ‘Дрисла’ се придржува кон максималниот капацитет на горење на печката? Колкава е температурата на печката за согорување на медицинскиот отпад? Имајќи предивид дека водениот филтер како филтрациска технологија е апсолутно неадекватен за гасниот дел на филтрацијата дали и кога е извршено мерење на гасната структура на филтерот? Каде можат да се видат тие податоци?“, пишува во барањата на активистите.

Тие бараат одговорност и од надлежните  државните органи и прашуваат: каде се инспекторите? Дали некогаш биле вклучени граѓански екоактивисти при реализација на инспекциски надзор?

„Дали имате обезбедено 24-часовен надзор на работата и влијанието на депонијата врз околината и дали подлежите под таков 24-часовен мониторинг? Дали има ноќни и ненајавени контроли.  Кога ќе биде набавен одамна најавениот нов инценератор и какви карактеристики и спецификации поседува, односно кое регулациско тело ги има пропишано истите? Дали сте ги преземале и спровеле законски пропишаните регулативи за мерење на влијанието на трите медиуми: воздух, почва и подземни води? Што точно содржат тие во ‘Дрисла’ и околината на ‘Дрисла’? Имајќи го предвид фактот дека сè уште немате постројка за третман на опасни отпадни води и исцедоци каде завршува контаминираната вода, колкава количина е излеана до денес и на кој начин е депонирана?“, прашуваат активистите.

„Движење за чист воздух“ очекува дека одговорите ќе ги добие во рок од 7 дена, а  доколку одговорот не го добијат во овој временски рок, тие велат дека ќе преземат други активности вклучувајќи долготрајни блокади.

Во битката за намалување на загадувањето тие ќе ги поддржат протестите на иницијатива „Канцерогено општество” што ќе се одржи в сабота пред Собранието.