Стоп за греењето на ќумур – за замена на нееколошки печки за затоплување на располагање 400.000 евра

Чeтиристотини илјади евра му се ставени на располагање на Министерството за животна средина и просторно планирање за реализација на проектот за замена на печки во градинки, училишта, болници и домаќинства во земјава кои користат нафта со печки со еколошки средства за греење, како што се печки на пелети, топлински пумпи, како и за енергетско-ефикасни фасади.

Ова го најави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули кој истакна дека овој проект освен еколошки, има и економски бенефит.

– Процесот на замена на печки кои користат нафта со еколошки средства им пречи на некои луѓе. Досегашниот модел што постои, на пример, за пелетите „прв дојден прв услужен“, мислиме дека не е фер пристап. Ќе направиме модел каде посиромашните ќе добиваат повеќе и до 100 отсто за замена со еколошкиот извор на греење, нагласи Макрадули на брифингот со новинарите.

Макрадули истакна дека Собраниската комисија за екологија донела заклучок да се забрани употребата на јаглен (ќумур) за затоплување бидејќи најмногу го загадува воздухот. Тој потсети дека на предлог на премиерот, Владата ги задолжила сите институции кои можеле во месеците декември, јануари и февруари да организираат по една акција што е поврзана со аеро-загадувањето и животната средина.

Министерот за животна средина, Садула Дураки информира дека од буџетот за 2018 година се реализирани 95 отсто. Дел од средствата од буџет биле искористени за набавка на 350 филтри за подобрување на квалитетот на воздухот, кои се поделени во градинки и болници, потенцирајќи дека оваа активност ќе продолжи и во иднина ќе бидат набавени филтри и за останатите институции.

– Со помош на ИПА фондовите имаме средства за градба на една депонија за Северноисточниот и Источниот плански регион. Целата документација веќе е изработена, но проблемот е меѓу општините. Согласно проектот и документацијата, експертите предложија едно место каде што треба да се изгради депонијата, но проблемот е во градоначалниците на општините кои не сакаат депонијата да биде во нивната општина – објасни министерот.

Државната секретарка во МЖСПП, Ана Петровска појасни дека постои проблем со градоначалникот на Општина Свети Николе за изградба на депонија на неговата територија, а за изградба на депонии во Југозападниот и Вардарскиот регион е создаден проблем од страна на локалното население.