Проф. Силјановска: Како е можно да изгоре болница за три минути, небаре пластична новогодишна елка?

Универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова, која беше и кандидатка за претседателка на последните претседателски избори, се огласи по повод трагедијата во тетовската ковид-болница и оставките на функционерите кои ги наметна овој настан.

-Тетовската трагедија не ми дава мир. При самата помисла на БИЗАРНАТА смрт на четиринаесет луѓе во модуларната болница, ме обзема гнев. Кога ги гледам и слушам нивните најблиски, се идентификувам со нив и ми иде да врискам! Признавам, не знам како да им изразам сочувство, како да им посакам вечен мир на починатите и брзо опоравување на повредените. Без зборови сум. Неколку пати седнував нешто да напишам, ама попусто. Не ми оди, во немир сум, вели таа на почетокот на својата објава.

Професорката вели дека никогаш не верувала дека болница, па макар и модуларна, може да изгоре побрзо од пластична елка, на која, барем постои ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ за ОПАСНОСТ!  

-„Модуларна“ е чудна придавка, збор со повеќезначно, па и амбивалентно значење во различни области: во архитектурата, во невладиниот сектор, во уметноста. Не ми се допаѓа изразот „модуларна болница“, оти означува нешто привремено, брзо, а болница си е болница, каде и да е и каква и да е, ако во неа работи медицински персонал кој што секаде и секогаш се води од Хипократовата заклетва, вели проф. Силјановска. 

Професорката прашува:

-Зарем нашата Влада и министерот за здравство немаа увид во препораките на Европската комисија за превземење мерки за превенција од пожари во амбиент на зголемен ризик од пожар во услови на интензивно користење на кислород? Како е можно да изгоре болница за три минути, небаре пластична новогодишна елка? Зошто во модуларните болници се примале тешко болни? Зарем оние кои ставиле параф за прием на болницата немале елементарно знаење за опасноста од големи количини кислород во монтажни услови? Можно ли е роднините на болните „ да волонтирале“ во модуларната болница со (не)знаење на персоналот, жртвувајќи се за драгите..... 

Во својата опсежна објава Силјановска се осврнува и на уставните аспекти кога станува збор за оставките на надлежните.

-Зарем четиринаесет изгорени луѓе не се доволна причина за некому срцето и умот да му соопштат дека е СЛУГА на народот, што значи и на „бившите“ четиринаесет пациенти: луѓе, личности, мајки, татковци, нечии деца, а не слуга на ПРЕМИЕРОТ и дека најмалку што може да стори е да ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, констатира таа. 

Целиот нејзин статус во продолжение: