Силјановска и Пендаровски тргнуваат во претседателската трка

Актуелениот национален координатор за подготовка на земјата за членство НАТО и универзитетски професор Стево Пендаровски и официјално влегува во трката за претседател на државата на шестите избори на 21 април заедно со професорката по Уставно право Гордана Силјановска – Давкова која ја доби поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Изборот на Пендаровски за заеднички кандидат за претседател  на Коалцијата предводена од СДСМ, на ДУИ, ДПА и на Алтернатива на Африм Гаши, вчера и официјално беше потврден на Конгресот на СДСМ во Скопје каде едногласно доби поддршка од 712 делегати, од присутните 783, без против и воздржани.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во обраќањето на 18-тата годишна Конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа вчера во Македонската опера и балет, се обрати до гласаќите кои се мислат дали да гласаат.

– Ќе се обратам и до оние кои се мислат дали да излезат да гласаат. Не до оние уценетите слуги на Заев кои работат на копче, тие знам дека имаат задача и таму бизнис и притисоци се во прашање, тие се заробениците на Заев и такви има се помалку, туку на оние чесни родољубиви луѓе, интелектуалци и искрени патриоти кои се разочарани од секојдневието, а на кои Македонија им е важна. Имаме ист противник, Заевизмот е наш противник исто колку што е и ваш, но, Македонија ни е заедничка, рече Мицкоски.

Кандидатот за претседател, Гордана Силјановска-Давкова рече дека Преспанскиот договор е штетен за државата, и оти македонскот идентитет не треба да се загрозува, бидејќи како што посочи, ние сме македонски народ и тоа е факт, кој не може никој да го спори.

– Јас бев во политиката едно кусо време и мислев дека тоа не е мојот свет. Меѓутоа политиката почна да го креира нашиот живот и кога зборуваме за добри политики тогаш и имаме добар живот. Но се случија нешта кои наместо уметност на можното покажаа дека политиката може да биде на некаков начин земена, украдена, окупирана од многу мал број на луѓе кои мислат дека знаат се, дека политиката е нивна. Дека политичкото е нивно обележје. А, кога нема критика, не може да има добра политика. Значи не смее политиката да биде во рацете на неколкумина, не смее политиката да биде само една страна, а да нема критичка димензија, појасни Силјановска- Давкова и порача дека е време државата да ја добие својата прва жена претседателка.

Во трката за претседарел на државата ќе учествува и поранешниот дипломат и универзитетски професор Блерим Река која ја доби поддршката од опозицискаите Алијанса на Албанците и движењето БЕСА на Билал Касами.