Приватните автобуси воведуваат електронска наплата

Приватните претпријатија „Слобода превоз“ и Макекспрес“ се подготвуваат за влегувањето во системот на електронска наплата на Јавното сообраќајно претпријатие.

Во нивните автобуси за јавен превоз веќе се поставуваат таканаречените валидатори, апарати со кои се врши адаптацијата за примена на новиот систем за наплата со електронски картички. Се монтираат и фискални апарати, истите кои веќе ги има во автобусите на ЈСП.

Таканаречениот АВЛ-систем ќе биде инсталиран во 500 автобуси, од кои во 384 на ЈСП и во 116 на приватните превозници. Со вклучувањето на приватниците во електронскиот систем за наплата кој е најавен да започне од 1 мај, граѓаните со електронските картички ќе можат да се качуваат во првиот автобус што ќе им наиде на постојка, било да е приватен или на ЈСП, а хартиените билети ќе бидат укинати. 

Приватниците требаше од 1 јануари да бидат вклучени во електронскиот систем за наплата, а бидејќи навреме не се подготвија и не ги инсталираа валидаторите, Градот им даде рок тоа да го направат до 1 мај и овој пат градските власти се убедени дека рокот ќе биде испочитуван. Електронските билети можат да се купат во билетарниците на ЈСП и во 36 маалски продавнички, специјално обележани дека продаваат билети за јавен превоз. Новиот систем за наплата веќе е поставен во 377 автобуси на ЈСП.