Македонија, полека, но сигурно станува „земја на депресивци“!
Поразителни се податоците за менталното здравје на младите генерации во земјава на кои „им се погоди“ да растат во транзиција, политичка и економска криза, пандемија...
Според истражувањата на Националниот младински совет на Македонија, повеќе од половина од младите, односно 64% се соочуваат со депресија, 55 отсто се под стрес, 58% се борат со анксиозност, 56% имаат самоубиствени мисли.
Младите и самите се свесни дека е потребна подобра грижа за менталното здравје.
За жал, голем е и процентот на млади кои наместо поддршка наидуваат на потешкотии во комуникацијата со родителите.
64% од младите на возраст од 15-29 години, во изминатиот месец имале несогласувања со своите родители, најмногу заради училиштето (34%), социјалните медиуми (17%), финансиите (15%), односите во семејството (12%).
40% од децата истакнуваат дека најчестата форма на соочување со родителите е разговорот, но сè уште се користат дисциплински методи како одземање на предмети, игнорирање, омаловажување па дури и шлаканици, што кореспондира со одговорите и на родителите.
Она што е алармантно е дека само 4.8% од младите поминале онолку квалитетно време со своите родители колку што имале желба, додека 30% од младите воопшто не поминале квалитетно време со своите родители во текот на изминатиот месец, покажува ова истражување на на Националниот младински совет на Македонија.
Филип Ивковски, претседател на Националниот младински совет на Македонија вели дека овие податоци се потврдуваат и преку фактот дека најчитаните содржини во историјата на НМСМ се прирачниците за ментално здравје кои даваат совети како младите да препознаат и да се справат со стрес, анксиозност и депресија.
За таа цел на владина седница беше разгледана и усвоена Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026, на предлог од Министерството за труд и социјална политика. Усвојувањето на оваа Стратегија е резултат на соработката помеѓу Владата и НМСМ со цел поддршка на добросостојбата на младите и претставува кулминација на активностите на НМСМ за унапредување на менталното здравје кај младите, спроведувани повеќе од три години.
Стратегијата се фокусира на проактивни мерки и активности за спречување и рана интервенција на проблемите со менталното здравје кај младите, ја нагласува потребата за намалување на стигмата и подигнување на свеста за менталното здравје и има за цел да го подобри пристапот до квалитетни услуги за ментално здравје за младите.
Истражувањето, исто така покажа, дека од вкупниот број на млади, 14% изјавиле дека се соочуваат со здравствен проблем или попреченост, како развојни нарушувања, проблеми со ментално здравје, анксиозност и депресија, додека 18% од децата изјавиле дека имаат алергија.
Овие млади луѓе покрај тоа што се сведоци на динамичните промени и случувања на глобално ниво (рапиден развој на технологијата и широката примена на интернетот, климатски промени и елементарни непогоди, терористички напади и војни, економска криза), директно или индиректно беа дел и од турбулентните случувања на политички и општествен план во земјава, особено во изминатиот период, како што се: политичката криза, случувања поврзани со негативните општествени појави во последните децении, студентските протести, Шарената револуција. Ваквите настани покрај тоа што влијаеја на демократските процеси во земјата, очигледно дека во различна мера извршија влијание и на одредени ставови на младите, констатираат истражувачите.