Пониква – планински бисер на Осогово

На 20 километри од Кочани се наоѓа планинскиот бисер Пониква, обвиен со густа шума и природа која одзема здив.

На надморска височина од 1.560 метри ќе заборавите на сите грижи и проблеми и сè што ве измачува, па тоа ја прави Пониква идеално место за викенд-релаксација.

Првото нешто што ќе го почувствувате наутро е свежиот воздух кој ќе ви ги наполни батериите за наредните денови. Само со една посета ќе сфатите зошто ова место е наречено „воздушна бања“.

На самиот влез на туристичкиот центар Пониква се наоѓа мал спортски аеродром кој некогаш се користел за воени цели. Околу паркинг-просторот, се наоѓаат неколку угостителски објекти во кои може да уживате во вкусни домашни традиционални специјалитети.

Има неколку објекти кои нудат сместување по прифатливи цени и ресторани каде можете да јадете откако ќе завршите со прошетката, па затоа сè што ви треба е желба за одмор и опуштање, и удобни обувки за пешачење.   Идеално е за прошетки во пролет и лето, па ако сакате да избегате од градскиот метеж ова е нашиот предлог за вас.