Плоштадот е исчистен од приватна компанија која се понуди да ни помогне, вели активистот Реџепи

-Ситуацијата во Сирија е многу полоша отколку ситуацијата во Турција оти таму тешко стасува хуманитарната помош. Голем број од спасувачките тимови веќе почнаа да си заминуваат од Турција оти помина многу време и се помалку живи луѓе се извлекуваат од урнатините, вели Јасмин Реџепи од НВО Легис во емисијата СТУДИО 10 на ТВ 24.

-За жал Сирија веќе десетина години е соочена со разурнување. Таму има една организација наречена Бели шлемови кои се занимаваат со извлекување луѓе од под урнатините и за време на воените дејствија и сега за време на земјотресот. Тие и сега се на терен, но немаат механизација оти официјалната влада во Дамаск не дозволува влез на механизација во бунтовничките подрачја, појаснува Реџепи.

Реџепи појаснува дека Црвениот крст и полумесечина доставуваат помош и за Турција и за Сирија.

Средствата кои ги собира НВО Легис како и материјалната помош, одат за Турција, а оттаму, преку тамошните организации, ќе биде распределен дел за Сирија.

-Во секоја работа останува нешто што е неупотребливо. Така и сега. По акциите што ги спроведува Легис се расчистува. Ние не сакавме да изнесуваме во јавност донирани неупотребливи работи, а тоа се некаде околу 10 отсто. Вообичаено е дека ќе има нешто неупотребливо и тоа ќе биде фрлено како отпад, вели Реџепи.

Тој вели дека Град Скопје можеше и да се понуди да достави контејнери да се складира отпадот, а вака целото внимание се сврте кон тоа наместо кон една убава акција.

-Инаку, плоштадот е исчистен од приватна компанија која се понуди да ни помогне. Градот Скопје не учествуваше во чистењето на Плоштадот Македонија. И до мене стигнаа информации дека дошол човек кој се претставил како комунален инспектор и прашал кога ќе се расчисти ѓубрето. Тоа не беше ѓубре, тоа беше донација од граѓаните за погодените луѓе од земјотресот. Ако било така, тогаш тоа е многу непријатно. Но, ете, плоштадот е исчистен, а акцијата траеше само три дена, вели Реџепи.

Реџепи вели дека одзивот и на граѓаните и на институциите беше голем, многу фирми помогнаа, а специјализирани тимови заминаа на терен да помогнат во спасувачките акции. Само од акцијата на Плоштадот се собрани десет шлепери помош. Инаку, сите овие шлепери одат за Турција бесплатно, т.е. автопревозниците се понудија да донираат превоз, додава Реџепи.