“Патризанска” ќе добие нов асфалт - Градот почнува со нов метод на работа, улиците ќе се прават само ноќе

Викендов ќе почне асфалтирањето на завршниот слој на булеварот “Партизански одреди”. Станува збор за асфалтирање на околу два километри коловоз во двете насоки на потегот од вкрстувањето со улицата “Франклин Рузвелт” кај “Симпо” до Педагошка академија односно до крстосницата со булевар “Октомвриска револуција”.

Реконструкцијата на ова парче од “Партизанска” почна лани летото и требаше да биде завршена за 90 дена. Градежните работи беа прекинати поради изборниот процес и се чекаше смената на градоначалници, за да се продолжи со работа. Машините долго време беа паркирани и не работеа, а новиот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов чекаше да се подобрат временските услови да се заврши реконструкцијата.

– Конечно, викендов ќе почнеме со асфалтирање на овој потег. Работите ќе се одвиваат во ноќните часови за да не им пречиме на граѓаните. Впрочем, ова е режим на работење кој ни го дадоа од МВР за да преку ден не се прават застои во сообраќајот. Како и да е, ова ќе биде прв пат да се асфалтираат улици во ноќните часови, нешто што ниту еден од поранешните градоначалници не го применил, а ќе стане пракса во градот во наредниот период – вели градоначалникот Шилегов.

Тој очекува дека викендов ќе заврши асфалтирањето на двете посочени раскрсници и истакна дека се изготвува проект за реконструкција на “Партизанска” за деловите што остануваат непоправени.

Градоначалникот на Скопје најави повеќе проекти за патната инфраструктура. Шилегов најави изградба на северен секундарен булеварски прстен. Тој ќе опфати изградба на 36 километарски булеварски прстен за поврзување на општините Кисела Вода преку булеварот “Србија” со населбите во општина Гази Баба, булевар “Хрватска” околу населбата Железара и ново булеварско решение за поврзување на Чаир и Бутел и спојување со булеварот “Словенија” кој треба да продолжува до Влае, Ѓорче Петров и Волково.

Тој најави дека до крајот на годинава ќе се доврши и булеварот “Х. Т. Карпош” во општина Бутел кој сега завршува во нива, а треба да се пробие се до скопската обиколница.