Поради реконструкција, отежнат сообраќајот на булевар „Партизански одреди“

Центарот за управување и контрола на сообраќајот ги известува сите учесници во сообраќајот дека во тек е реконструкција на коловозот на булеварот „Партизански одреди“ во населбата Влае во Карпош.

Градежните работи за реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ се изведуваат на потегот од кружниот тек со улицата „Ацо Шопов“ до мостот „Обединети Нации“ во должина од околу 850 метри. Со цел работите побрзо да се одвиваат и што е можно помалку да им се отежнува движењето на граѓаните додека се врши реконструкцијата, градежните активности се поделени на две фази, па во тек е реализацијата на првата фаза, па за сообраќај затворена е крајната десна сообраќајна лента во насока на движење од Ѓорче Петров кон Карпош.

На овој дел од булеварот, со вкупна должина од 835 метри, целосно ќе биде отстранет стариот асфалт од коловозот и ќе биде нанесен нов асфалтен слој. Исто така, ќе бидат заменети оштетените шахти и ќе се нивелираат постојните, а ќе се заменат и сите оштетени рабници.

ЦУКС апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот, истовремено ги замолува возачите да имаат разбирање за потешкотиите во одвивањето на сообраќајот до завршувањето на реконструкцијата.

Реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ е една од низата коишто се реализираат во овој период во насока на обезбедување побрз, побезбеден и поефикасен сообраќај во нашиот град. Претходно започна и втората фаза од проектот за изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел, како и реконструкцијата на улицата „Ацо Шопов“, реконструкцијата на улиците „Брадфордска“ и „Лондонска“ во Карпош, а во идниот период ќе биде реконструирана и улицата „Антон Попов“ во Кисела Вода, како и изградба на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“.