[Oва е постапката] Граѓаните може да побараат кастрење на дрворедите

Сувите гранки од дрвјата се лесно кршливи на малку посилни ветрови и се опасни не само за паркираните автомобили, туку и за минувачите.

Од Градот појаснуваат дека барања за интервенции на дрвјата може да се поднесат или директно до Градот или преку општините до Градот. За интервенции на дрвја кои се наоѓаат на јавни површини барање може да поднесат општините, куќните совети, урбаните заедници во соработка со локалното население, додека за приватни површини барање поднесуваат сопствениците на имотот, поткрепен со приложување на имотен лист. Од ЈП „Паркови и зеленило“ нагласуваат дека тие постапуваат во рок од 30 дена од донесувањето на решение по конкретно барање.

„Граѓаните треба да поднесат барање до Секторот за комунални работи во Градот и да платат такса од 60 денари. Согласно со Законот за комунални работи еден шумарски инженер од Секторот и еден претставник од ’Паркови и зеленило‘ врз основа на барањето излегуваат на терен и проценуваат каква е состојбата, дали треба да се кастри и што треба да се исече и дали барањето е оправдано. По нивната проценка на терен, ако таа е позитивна, Секторот за комунални работи донесува решение по кое ние постапуваме во рок од 30 дена“, објасни Душан Авировиќ, директор на „Паркови и зеленило“. 

Од Градот велат дека ако барањето се поднесе директно до Градот, целокупната постапка до издавање решение трае максимум седум дена. По изготвувањето на решението, доколку се работи за јавна површина, се известуваат подносителот и ЈП „Паркови и зеленило“ за извршување.