Општина Карпош не отстапува од неиздавањето градежни дозволи - ќе се развива по периферните делови

Општина Карпош не чувствува одговорност за застојот во градежништвото, и покрај апелите од државата побрзо да се решат проблемите со Деталните урбанистички планови. Оттаму велат дека општината ќе се развива по периферните делови.

Локалната самоуправа ќе продолжи да ги почитува одлуките на Уставниот суд на Република Македонија, во врска со укинатите детални урбанистички планови, велат од општина Карпош.Сепак, градежните фирми велат дека дозвола за градба не се издавала ниту пред одлуките на Уставниот суд, иако платени биле комуналиите по решенија кои се издадени токму од општината. Карпош девет месеци го одложувала издавањето, иако има законска обврска дозвола да даде пет дена по плаќањето на комуналиите.

- Со плаќањето на комуналиите се завршуваат сите процедури и постапки. За пет дена градоначалникот, односно општина Карпош има законска обврска да издаде градежна дозвола. Во мојот случај тоа не се случи. Не за пет дена, јас за месец дена не добив дозвола, вели  Ниху Алиу инвеститор.

Засегнатите компании се жалат дека градежните дозволи биле давани селективно, а основен елемент била политичката припадност, наместо законитоста на постапката.Претходно, министерот Сугарески пред градежниците апелираше да ги изработат Деталните урбанистички планови за проблемите да се решат во најбрз можен рок. Сепак, тој тврди дека Министерството за транспорт не може да се меша во работата на општините. 

Станува збор за период во кој што ќе бидат отстранети сите дефекти на ДУП-овите. Во најбрз можен период тоа ќе се случи и ќе бидат ставени во употреба, рече Сугарески пред градежниците. Освен во Карпош, градежниците се соочуваат со вакви проблеми и во Центар.
Поради ваквиот однос трпат компаниите и државата. Штетите во градежништвото се бројат во милиони евра. Нема инвестции и нема работа, што пак, ги принудува градежните работници масовно да се иселуваат од државата.