Од денеска „Денови на културата“ во општина Илинден

Општина Илинден на 14, 15 и 16 мај 2024 година, ќе ги реализира традиционалните Денови на културата, во чии рамки во Домот на култура „Илинден“ ќе се одржи јубилејната 25-та Литературна манифестација „Илинден 2024“, а во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.

Новина оваа година во програмата на Деновите на култура е прикажување на кино проекција на игран филм. За љубителите на филмот, на 14 мај со почеток во 19:00 часот, во кино салата на Дом на култура „Илинден“ ќе се прикажува игран филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ

На 15 мај ќе се одржи, Трибина: „Современа македонска литература и нејзината перцепција, читањето, критиката, медиумите“, со учество на еминентни писатели и литературни критичари, потоа креативна работилница „Гатанките, поговорките и пословиците во македонската литература за деца“ со учество на писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од општина Илинден, како и традиционалното Литературно матине за деца ,,Пролетно поетско будење на Илинден” со учество на повеќемина истакнати македонски писатели за деца и млади. По повод Меѓународната Литературна манифестација Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на тема „Татковина“ за учениците од општинските основни училишта, при што на Литературното матине за деца ќе бидат прочитани и наградените песни, а на учениците ќе им бидат доделени пригодни награди. Дел од манифестацијата е ликовна изложба на ликовниот уметник Владимир Темков, како и културно уметничката програма со настап на АМПИ „Илинден“, КУД „Гоце Маркоски“ како и музички настап на ученици од општина Илинден.

Централен настан на манифестацијата што се реализира во соработка со Друштвото на писателите на Македонија е поетска вечер „Интимно соѕвездие“ посветена на современата македонска љубовна поезија што ќе се одржи на 16 мај (четврток) со почеток во 19.00 часот, на кој ќе настапат повеќемина реномирани македонски поети. Новина оваа вечер ќе биде промоцијата на посебно издание-книга со текстовите на учениците од минатата година, како и музички настап на Trinity Strings.