Македонскиот туристички бисер Охрид од утрово е полн со туристи. Несомнено високите температури ги принудија граѓаните да заминат на разладување покрај вода.
- Синоќа во Охрид се одржа и концерт на познатиот балкански пејач Аца Лукас, па можеби и тоа е една од причините што Охрид е полн со туристи деновиве. Скопјани редовно доаѓаат на викенд, но има и многу туристи од Србија, вели еден охриѓанец од туристичкиот сектор.
Единствено на што се жалат туристите е дека патот до Охрид е во катастрофална состојба, па тоа им создава нервози.
- Патот е катастрофа. Затворени делници поради градежни активности, дупки по пат...- споделува еден скопјанец.
За овој проблем вчера алармираа од од ВМРО-ДПМНЕ кои рекоа дека е шокантна состојбата бидејќи во екот на туристичката сезона буквално е затворен влезот во најголемиот туристички центар во Македонија, Охрид.
Првиот човек на општина Охрид Кирил Пецаков, пак, вели дека сите кои патуваат од Охрид кон Скопје и обратно знаат дека интензитетот на градба на автопатот е слаб.
- Ова стана автопат на смртта затоа што многу луѓе загинаа во текот на изградбата. Добиваме лажни ветувања за тоа кога ќе заврши изградбата. Немаме речиси никаква комуникација со одговорните, а се трошат милиони евра. Јас се обидов да комуницирам кога го затворија влезот во Охрид, но тие сметаа дека сум бил лицемерен, вели Пецаков.