Наредната недела двете слоници од Белгија ќе стигнат во скопската Зоолошка градина

Наредната недела ќе почне транспортот на двете слоници од Белгија во скопската Зоолошка градина, пренесува СДК

Слоновите од Белгија до Скопје ќе бидат донесени со камион и се очекува до средината на август да стигнат во Скопје.

„Едната е африканска, другата азиска слоница. И двете се стари по 30 години. Направено е ново живеалиште според најсовремените стандарди, со отворен и затворен дел. Со површината која ја зафаќа живеалиштето тоа е едно од најголемите во Зоолошката“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски, во изјава за САКАМДАКАЖАМ.

Внатрешноста на новото живеалиште веќе е завршена а сега се работи на уредување на дворот и просторот околу него. Галетановски вели дека покрај овој дел во наредниот период ќе се работи на разубавување на целата Зоолошка градина. Ќе се садат нови цвеќиња и зеленило, ќе се градат неколку фонтани, детско катче, а во план е да се реконструираат и сите стари живеалиште во кои сега нема животни.

„Моја цел е скопската Зоолошка да стане европска градина. За тоа да го направиме прво мора да ја подобриме хигиената и веќе е во тек акцијата со јавните претпријатија на Град Скопје за чистење и косење на зеленилото. Во наредниот период ќе започнеме кампања да ги едуцираме посетителите да не им даваат храна на животните. Тоа е голем проблем. И покрај напорите на вработени кои им објаснуваат на граѓаните дека животните имаа посебен режим на исхрана, тие и понатаму им даваат храна“, вели Галетановски.

Во скопската Зоолошка градина во септември ќе се врати и мајмунот Коко, кој 9 години беше на лекување и ресоцијализација во Холандија оти беше во депресија. Заедно со Коко ќе дојдат уште три шимпанза, две женки и едно машко, со кои Коко се дружел во Зоолошката градина во Амстердам.