Воздухот во Скопје е опасен по здравјето на граѓаните.

Додека граѓаните го дишат канцерогениот воздух, одговорните власти се кријат и не превземаат никакви мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

Илјадници луѓе секојдневно се трујат. Човечки животи се губат. ПМ 10 честитичките се најсериозниот убиец на здравјето на граѓаните.

Болестите на респираторниот систем се најчестата причина за хоспитализација на населението во Скопскиот регион, покажува анализата на Центарот за јавно здравје – Скопје. Имено, 13,9 отсто од вкупниот број на случаи на болничко лекување се должат на овие заболувања.

Неоплазмите се втората најчеста причина за прием во болница со учество од 13,5 отсто во вкупниот број на хоспитализации. Болестите на циркулаторниот систем, стојат на третата позиција со индекс од 13,4 отсто.

Болничкиот морбидитет во Скопскиот регион покажува највисока специфична стапка на болничко лекување за болестите на респираторниот систем од 14,6/1.000 жители, што е под стапката за земјите од Европскиот регион (2010) од 18,4/1.000 жители.

Болестите на циркулаторниот систем, I00-I99, со специфична стапка на болничко лекување од 14,1/1.000 жители во Скопскиот регион, се исто така под специфичната стапка на отпусти.

Од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека Скопје е водечки град во Европа според загадувањето со помалите и поопасните ПМ 2.5 честички и дека во Скопје секој трет умира од загадениот воздух. Во просек, аерозагадувањето го крати животниот век за најмалку 4 години.

Загадувањето на воздухот во Скопје, Битола, Тетово, Куманово и ширум Македонија не е само криза, туку е елементрана непогода како пожар или поплава. Светска Банка проценува дека во Македонија од загадениот воздух гинат 1.350 граѓани годишно. Во просек четворица граѓан(к)и гинат дневно заради загадениот воздух. Светска Банка ја рангира Македонија на петто место во Европа според најмногу смртни случаи заради загадување со ПМ честички.

ПМ10 претставуваат мали честички со дијаметар од 10 микрометри кои се пет до десет пати помали од дијаметарот (дебелината) на човечкото влакно. Според Агенцијата за заштита на животна средина на САД, честичките помали од 10 микрометри се уште поопасни бидејќи се вгнездуваат длабоко во белите дробови и можат да навлезат дури и во крвотокот и да предизвикаат негативни здравствени ефекти како предвремена смрт кај лица со срцеви и белодробни заболувања, неправилно работење на срцето, влошена астма и намалена функција на белите дробови. Најновите истражувања покажуваат дека загадениот воздух предизвикува и деменција и алцхајмер.

Чувствителни групи со претходно постоечки белодробни или срцеви заболувања, како и стари лица и деца се особено ранливи. Децата се најосетливата група, затоа што имаат организам во развој и побрзо дишат, а со тоа и побрзо внесуваат загадени материи во телото. Според анализа на Институтот за јавно здравје при Министерството за здравство, секое второ дете кое побарало лекарска помош имало респираторни проблеми. Аерозагадувањето го намалува имунитетот на децата и ги прави подложни на хронични болести.