Десет прочистувачи за воздух доби Гинекологија во Чаир

Десет високо квалитетни прочистувачи за воздух доби ЈЗУ Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.

По тој повод болницата денеска ја посетија министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

-Болницата е опремена со високо квалитетни прочистувачи, кои се едни од најдобрите во светот со најбрзо прочистување на воздухот и на тој начин бебињата ќе бидат заштитени додека не се реши проблемот со затоплувањето, изјави Макрадули.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека освен новата опрема, се спровеле и тренинзи, а сакаат да го зајакнат капацитетот на оваа болница и во однос на системот за греење. Минатата година, посочи, беше изготвен проект за гасификација, кој како приоритет влезе во планот за јавни набавки заедно со изготвување на систем за приклучок кон гасификација во болниците во Куманово и во Струмица и се подготвени да ги започнат тендерските постапки.

– Верувам дека во најкраток можен рок, како што наложуваат законските прописи, ќе се завршат сите постапки и оваа болница, како и болниците во Куманово и Струмица, ќе можат да се приклучат кон мрежата за гас. Сигурно тоа ќе биде време од неколку недели или месеци, додаде Филипче.