Мазнева има време за цвеќе, но не и за одговор – ќе ги врати ли комуналците на работа

За положувањето цвеќе испрати соопштение, за враќањето на работа на избрканите комуналци – молк. Со ваква тактика постапува директорката на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, додека избрканите и јавноста чекаат нејзина одлука дали ќе постапи по напатствијата на Државниот инспекторат за труд. Преку ПР службата на претпријатието се пофали дека оддала почит на жртвите од земјотресот, но на СМС пораката и повиците од „Макфакс“ не одговара.

Дел од отказите кои ги подели, ги правдаше со тезата дека лицата земале плата, а биле отселени, но, досега, Обвинителството нема добиено кривична пријава со ваква содржина. Одговорот дали избрканите комуналци ќе добијат втора шанса – јавноста не го знае.

Мазнева беше прашана дали ќе постапи по одлуката на Инспекторатот за труд, како и дали смета дека постапила правилно кога отпуштила дел од вработените. Одговор и по два дена – нема.

Државниот инспекторат за труд, по поднесената претставка од вработените во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, на кои им беа дадени откази, утврдил дека тие биле отпуштени незаконски. Како што информираа од Сојузот на синдикатите, Инспекторатот налага да се поништат отказите.

„Донесена е инспекциска мерка, со која менаџментот на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје треба да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи одлуките за отказ поради тоа што тие се спротивни на законот и на колективниот договор“, велат од Синдикатот.

Пред претпријатието, месецов имаше протести и интервенција на полицијата. Скопје се давеше во отпад. По протестите, градот беше исчистен. Градоначалничката Данела Арсовска не ги послуша вработените кои протестираа и бараа разрешување на Мазнева, посочувајќи дека директорката е силна жена која заслужува поддршка.