Иако носи алергии и промена на времето, сепак најголем дел од луѓето велат дека пролетта е нивно омилено годишно време. Зошто е тоа така? Зошто пролетта е толку посебна?
Се буди природата
Цвеќињата, дрвјата, сите нешта околу нас се раздвижуваат. Конечно по долгата зима можеме да уживаме во сонцето и во пријатниот воздух и мирис од цвеќињата и дрвјата околу нас. Одличен повод за да го подобриме своето расположение.
Повеќе физички активности
Како за животинскиот свет, така и за поголем дел од луѓето зимата претставува период во кој тие најголем дел од времето го минуваат во својот дом и не обрнуваат премногу внимание на физичката активност. Сепак, се чини како пролетта да има моќ да не натера да излеземе надвор, да пешачиме и спортуваме.
Празници
Сите уживаме во празниците и споените викенди, не можеме да лажеме. Го славиме Велигден, Денот на трудот и успеваме да добиеме повеќе слободни денови кои ги користиме за повеќе време во природа или пак кратко бегство од градот или државата.
Водно
Иако дел од луѓето го сакаат и посетуваат Водно за време на зима, сепак за повеќето Скопјани, Водно е место кое е најубаво во пролет. Зеленило околу нас, пријатен звук од птиците, свеж воздух. Нема ништо подобро до викенд на Водно!
Посветла, полесна облека
Ги оставаме капутите и јакните и онаа тешка и темна облека која ја носиме во текот на зимата. Носиме лесни материјали и облека која навистина ја сакаме.
Најава за летото
Најава за летните денови и плановите за одмор. Го очекуваме годишниот одмор и сите топли денови кои ќе ги поминеме надвор од домот.