Како да престанеме да се грижиме за тоа што не можеме да го смениме?

Грижите се секојдневен дел од нашиот живот. Но, важно е да разграничиме што зависи од нас, а што е надвор од наша контрола.

Photo by Vasilis Caravitis on Unsplash

Секој од нас се соочува со некаква ситуација или проблем која му создава грижа во секојдневието – проблеми во врската, несигурна работа, проблем со финансиите, болест во семејството и тн. Не е лесно одеднаш да престанеме да се грижиме, но можеме да се обидеме.

„ Најдете дистракција“

Во недостаток на друг посоодветен збор, ќе кажеме дека е важно да најдеме нешто што ќе ни го насочи вниманието на друга страна. Тоа може да биде различно за секој од нас – физичка активност, серија или книга, прошетка, некое хоби. Ваквите техники му помагаат на нашиот ум да се фокусира на друга активност наместо на самиот проблем, што ни овозможува да се оддалечиме од самите грижи.

Разговор со некого

Велат дека споделената грижа е помала грижа. Не е секогаш лесно да зборуваме за она што ни создава грижа, но кога ќе го направиме тоа, имаме можност да добиеме совет или пак сосема поинаква перспектива од другата страна. Можеби нема секогаш да дојдеме до решението, но самиот разговор ќе ни помогне да се чувствуваме подобро и да сфатиме дека можеби нештата не се такви какви што изгледаат во нашата глава.

Физичка активност

Физичката активност е најдобар лек за многу проблеми. Не само што ни помага да лачиме повеќе ендорфин, кој е познат како хормон на среќата, туку и ни помага да избегаме од самите проблеми, а потоа со свеж ум и мисла да му пристапиме на проблемот кој треба да се реши. Доколку немаме баш никаква контрола над самата ситуација, самото убаво чувство кое го имаме по вежбањето ќе ни помогне да заборавиме на тоа.

Добар сон

Велат дека не постои ништо што не може да се реши со добар сон. Ако постојано се чувствувате загрижени и нервозни, таквиот стрес веројатно влијае и на вашиот сон. Но, потоа се јавува нов круг, бидејќи пак од друга страна, недостатокот на добар сон нè прави вознемирени и нервозни.

Затоа, потрудете се добро да се отспиете. Тоа ќе го намали лачењето на кортизол, кој е познат како хормон на стресот и ќе ви помогне подобро да размислувате. Во краен случај, во идеална ситуација, со свежи мисли и енергија ќе сфатите дека нема потреба да се грижите за нешто над што немате никаква контрола.

Длабоко дишење и медитација

Овие техники се добри бидејќи му помагаат на телото да се опушти. Знаете дека долгото размислување, претерано анализирање и стресот создаваат тензија во телото, а никој од нас не може долго да функционира во таква ситуација. Затоа, дајте си можност да медитирате или да применувате техники на дишење барем неколку минути во текот на денот, особено во попладневните часови или пред спиењето, што дефинитивно ќе го релаксира вашето тело, но и ум.