Груби уверува: Груевски со овие измени во КЗ не може ни да сонува да се врати во С. Македонија

Во емисијата „Клан Дебата“ вицепремиерот и министер за политички систем и односи со заедниците, Артан Груби, потенцираше дека  е невозможно поранешниот премиер и азилант Никола Груевски да се врати слободен во Северна Македонија, уверувајќи дека влијанието на изменетите членови од Кривичниот законик врз обвиненијата на Груевски е многу мало.

- Никола Груевски со овие измени во Кривичниот законик не може ни да сонува да се врати во Северна Македонија, рекол Груби емисијата „Клан Дебата“ на ТВ Клан Македонија.

Минатата недела, лидерот на новото Демократко движење Изет Меџити постави прашање „дали е точно дека идната недела ќе му биде вратена патната исправа на Груевски, бидејќи со измените на Кривичниот законик тој автоматски се ослободува од одговорност за случајот ТНТ и за Траекторија, додека за другите кривични дела за кои е осуден ќе му се овозможи повторување на кривичната постапка“?

Објавата на Меџити е во контекст на ставот кој пратениците на трите партии од т.н. „опозициски блок“ – Алтернатива, Беса и Демократско движење го изнесоа на прес-конференција во Собранието во средата, пред да се донесат измените на Кривичниот законик истиот ден.

Со измените на Кривичниот законик, во членот 353, кој се однесува на злоупотребата на службената должност од страна на државните функционери, казните се намалуваат.

Во став 3 од членот 353 за Злоупотреба на службената положба и овластувања, досега казната беше најмалку три години затвор, а отсега се предвидува казна од една до 4 години затвор. Ставот 5 од истиот член предвидуваше казна од најмалку 5 години затвор, а сега е избришан. Во членот 394 за Злосторничко здружување, казната за основачот на групата е намалена од една до 10 години на до 3 години, а за членовите од една до 5 години на до 2 години.

Со намалување на казните се отвора простор за брзо застарување на овие кривични дела, како и ослободување од одговорност на многу поранешни функционери за кои веќе се води постапка во различни фази.