Граѓаните побараа и саботите да бидат неработни, освен првата во месецот

За 92% од работниците, од први јануари следната година, недела ќе биде неработен ден.

Дел од работниците, односно, останататите 8% кои работат во суштинските дејности, сепак ќе работат и во недела, но за тоа ќе добиваат двојна дневница.

Новите законски измени со кои недела ќе стане неработен ден наидоа на пофалби и задоволство кај граѓаните кои побараа и саботите да бидат неработни, освен првата во месецот.

-Работниците, тие луѓе имаат семејства и треба неделата да биде ден за заедништво и семеен ручек сите на едно место, вели една наша читателка.

-Нормално дека треба да биде неработен ден недела, а и сега треба да се смени сабота, да се работи само првата од месецот, вели друг.

-Добро е да се работи само првата сабота во месецот, се ќе се испазарува и следните во месецот да бидат слободни, предлага еден работник.

-Сосема е доволно да се работи 5-6 дена во неделата, доколку има продуктивност е во ред еден ден да се одмора, е ставот на друг граѓанин.

- Супер ќе биде ако де факто, во пракса, се примени овој закон, а не само декларативно, на лист хартија, а во пракса повторно газдите да кријат работници во недела, гласи еден друг став.

Дел од работниците се скептици дека навистина работодавачите ќе исплаќаат дупла дневница и ќе даваат слободен ден подоцна во седмицата, затоа што, како што велат, повторно ќе се најде некаква дупка во законот.