Генералка викенд: 300 тони отпад собрани од 18.000 волонтери

Заедно со главните стратешки партнери Пивара Скопје и Пакомак, Мен енд Маунтен оваа година по четврти пат ја организираше GENERALKA WEEKEND, најголемата еколошка акција во Македонија и на Западен Балкан, во која беа собрани рекордни над 300 тони отпад.

"Нашите партнери од приватниот сектор, поддржувачите во општините и институциите, училиштата, градинките, невладините организации, спортските и пензионерските клубови, месните и урбани заедници, националните паркови, специјалците и многу други организации со здружени сили и со неспоредлив чин на национална солидарност и пријателство над сите етнички и политички граници придонесоа во GENERALKA WEEKEND! Над 18.099 волонтери собраа 301,504 кг отпад на повеќе од 400 локации за време на GENERALKA WEEKEND помеѓу 15-19 мај 2024 година!“ велат Гордана Софија и Ханес Јекл од Мен енд Маунтен.

Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, изјави дека големиот број на волонтери и постигнатите резултати даваат надеж дека заедно можеме да создадеме култура на одржливо живеење:

„Нашата определба да бидеме водечки стратешки партнер на најмасовната национална еколошка иницијатива GENERALKA WEEKEND произлегува од потребата да ја заштитиме животната средина и да бидеме двигател на позитивна промена во заедницата во која работиме. За нас како компанија е значајно корпоративната одговорност да ја преточиме во дела, а исклучителните резултати од овогодинешната акција покажуваат дека сме на прав пат. Сакам да изразам благодарност до тимот на Пиварци и до сите волонтери и партнери кои се вклучија во акцијата.“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Душан Митрев.

Погледнете го видеото од чистењето на Кале https://www.youtube.com/watch?v=m_K-zmU9pYg

„Секоја година GENERALKA WEEKEND придонесува за подигнување на јавната свест за потребата од селекција и рециклирање на отпадот. Ова е најмасовната и најефикасна еколошка акција во земјава и верувам ќе станува се помасовна, но исто се надевам дека ќе собираме се помалку несоодветно одложен отпад“, е изјавата на Филип Ивановски, генерален менаџер на Пакомак.

Врз основа на меморандумот меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Национални шуми и Мен енд Маунтен, Владата на нашата земја ќе посвети по 1 дрво на секои 10 килограми на собраниот отпад за време на GENERALKA WEEKEND во рамки на нивните годишни планови за пошумување се до 2031 година. До денес се засадени повеќе од 100.000 дрвја благодарение на заложбата на народот на Македонија.

Реализацијата на GENERALKA WEEKEND се должи и благодарение на поддршката од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, кои придонесуваат во оваа акција уште од 2021 година.

Како и во последните години, Шпаркасе Банка и Нула Отпад се официјални партнери на акцијата, а годинава им се придружија и Макстил, Бучим Боров Дол, ЕВН, Бимилк и Костал. И повторно како и досега Црвен крст се погрижи за безбедноста на сите учесници на GENERALKA WEEKEND.