Гази Баба има потреба од чизми и ракавици за расчистување

Општина Гази Баба во моментов има најголема потреба од средства за дезинфекција, чистење и лична хигиена, како и заштитна опрема (чизми, ракавици, маски), бидејќи се врши расчистување на настраданите подрачја.

Територијата на Општина Гази Баба беше зафатена од големите поплави во саботата, при што беа поплавени стотици домови на жители.

Од тогаш, самите граѓани, помогнати од волонтери, од службите, од војници, пожарникари, ги расчистуваат домовите, улиците и приодните патишта.

Хуманитарна помош се распределува преку Црвен крст, но како што соопштија од општината, имаат потреба од основни средства за расчистување, како што се чизми, ракавици, маски, и секако, средства за дезинфекција и чистење.