Филипче: Граѓаните нема да одат во други градови за анализа на крвта

Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција го образложи новиот начин на функционирање на лабораториите.

Станува збор за централизација на лабораториите, со што според Филипче, ќе се овозможи подобра услуга за граѓаните, односно за детални анализи на крвта луѓето од руралните средини или помалите градови нема да мораат да одат во други градови како досега.

„Со новиот начин на функционирање на лабораториите, ќе се овозможи транспорт на крвта до една од осумте централни лаборатории, па така граѓаните нема да мора да одат во поголемите градови за детални анализи. Севкупно ќе има осум централни лаборатории од кои две во Скопје, една на Клинички центар, другата во ГОБ „8 Септември“, по една во Куманово, Штип, Тетово, Охрид и Струга“, рече Филипче.

Министерот за здравство истакна дека со овој начин на функционирање на лабораториите ќе се заштедат неколку милиони евра и Министерството ќе има контрола на трошоците за тестирање.

Филипче исто така истакна дека ќе се намали бројот на апарати за тестирање крв во државата кои во моментот се околу 300 на број, а ќе се намалат на 120. Со ова ќе се намали набавката на реагенсите што во моментов ги има премногу и се фрлаат бидејќи не се искористени. Во овие промени во здравството е предвиден и нов електронски систем, преку кој здравствените установи и докторите имаат пристап до сите информации на пациентите во секое време.

Во врска со овие промени во здравството, во јавноста изминатите денови, поради новиот начин на функционирање се шпекулираше дека голем број здравствени работници ќе останат без работа. Филипче го демантираше ова, велејќи дека ниту еден здравствен работник во лабораториите нема да биде избркан, и без разлика на новиот начин на функционирање ќе има работа за сите.

„Ниту еден вработен во болниците, нема да ја изгуби својата работа поради овие промени. Вработените во лабараториите кои досега ги вршеле анализите и понатаму ќе ги опслужуваат граѓаните“, рече министерот.