5000 евра за еден ден веселба: Свадба, традиционална церемонија од која ретко кој се откажува

Свадба во Македонија сè уште е традиционална церемонија од која ретко кој се откажува. Напротив. Ние сме поднебје во кој и последниот денар се „дава“ за свадба.

Пресметките покажуваат дека една обична и скромна свадба со 200 гости чини најмалку пет илјади евра. Сепак има и луѓе кои не слават, но и такви кои трошат и десетици илјади евра.

Бурми и веренички прстени: најмалку 50 евра

Без веренички прстен можеби и ќе поминете, но без бурма тешко дека може. Бурмите во нашите локални златари во Скопје чинат од 50 до 300 евра. 

Покани: најмалку 15 евра

Нивната цена се движи од 15 до 55 евра, па кој колку може. Ресторанот или салата во која ќе се прославува, најчесто се бира според бројот на гости, но и според годишното време.

Ресторан: порција од 12 до 50 евра

Ресторан, хотел или дома – основна дилема при организирањето на свадба, а и еден од најголемите трошоци.

Бројот на ресторани кои се специјализирани за свадби расте постојано. Сепак, со зголемената конкуренција угостителите не ги намалија цените, само почнаа да нудат дополнителни услуги. Цените на менијата со години се речиси исти – се движат од 12 па до 50 евра во зависност од порциите, од пијалаците, но и од угледот и локацијата на самиот ресторан. Оттука за најевтината понуда од 12 евра, за свадба со 200 гости ќе треба да се одвојат 2.400 евра.

Торта: најмалку 6000 денар

Тортата секако се остава за крај, но ако правите свадба со 150 гости, а по лице се служи околу 100гр свадбена торта, тортата мора да биде тешка барем 15 килограми. Ќе ве чини од 6000 денар па нагоре од зависност на бројот на гости.

Снимање и фотографирање: најмалку 50 евра

Најмувањето професионални фотографи и сниматели веќе е пракса – чини од 50 до 3.000 евра во зависност од квалитетот, но и дали гостите сами ќе си платат за сликите со младите. Конкуренцијата во овој бизнис е многу голема, па неретко се случува во обид да се заштеди, да се остане без добри снимки. Затоа, мора многу да се внимава при изборот.

Венчаница и одело: најмалку 400 евра

Еден од најважните делови на свадбата секако е изборот на гардероба – венчаниците чинат од 250 па и до неколку илјади евра. Младоженците за костуми плаќаат и до два пати помалку.

Цените на венчаниците почнуваат од 250 евра за наједноставната креација до околу 1.500 евра за најсложената.

Музика: најмалку 600 евра

Музиката е клучен фактор без кој ниту една веселба не може да помине. Што и да се одбере за прослава на еден од најважните денови во животот, невестата и младоженецот ќе мора да издвојат од 400 па се до неколку илјади евра.

До 800 евра чини бенд без разлика за каква музика станува збор. А ако како главен забавувач дојде популарен пејач тогаш цената достигнува од 1500 до 2000 евра. Дополнително се плаќа за барем половина час забава со трубачи и плех музика.

Околу 150 евра чини салонски оркестар кој би свирел 15 до 20 минути додека трае чинот на склучување на бракот во матично или во ресторан.

Црква: најмалку 4.000 денари

Македонската православна црква има тарифник за услугите. Цените се движат од 50 до 100 евра, плус дополнителни трошоци. Така на пример, ако младите одлучат да ги венча еден поп ќе платат 4.000 денари или три попа 5.500 денари.

Цената за венчавка е различна во секоја црква и најверојатно тоа се должи на местоположбата на храмот, дали е во центар или на периферијата. МПЦ-ОА дава услуги и во странство каде има наша дијаспора, цените се разбира се повисоки согласно тамошните стандарди

Матични служби

И услугите на матичарот имаат различна цена. Ако сакате да дојде на локација по ваша желба во работен тоа ќе ве чини 50 евра, за викенд двојно повеќе. Во општинските простории цените се неколку пати пониски.

new nike air max 2019