Електричните автомобили полека, но сигурно, ги освојуваат светските пазари - во Македонија сликата е сосема поразлична

Електричните автомобили полека, но сигурно, ги освојуваат светските пазари. Се повеќе автомобилската индустрија се насочува кон производството на овој тип автомобили како поекономични и поеколошки, а се зголемува и интересот кај потрошувачите.

Податоците со кои располага Меѓународната агенција за енергетика покажуваат дека минатата година бројот на електрични превозни средства на светско ниво пораснал на рекордни 3,1 милиони возила, а се предвидува доколку амбициите на автомобилската индустрија раснат до 2030 година да има од 125 до 220 милиони електрични возила во светот.

Во продажбата на електромобили во Европа минатата година предничеше Германија која ја надмина Норвешка. Германската Влада и локалната власт веќе преземаа чекори со кои почнаа од употреба да ги исфрлаат дизел возилата како главни загадувачи на воздухот. Според податоците на Европската асоцијација на производители, продажбата на електрични возила во оваа држава лани се зголемила за 70 проценти. Во оваа бројка влегуваат како чисто електричните возила, така и plug-in хибридите.

Во Македонија сликата е сосема поразлична од државите во Европа. Интересот е мал, а слична е и продажбата на ваквиот тип на автомобили. Не е доволно развиена и инфраструктурата и инсталирањето на полначите за овој тип автомобили. Според нецелосните податоци, од вкупно 1.755 продадените нови возила за првите шест месеци од годинава само три се електромобили, а 27 хибриди.

Иницијатива за поставување полначи за овој тип автомобили веќе реализира ЕВН Македонија, која во неколку општини има поставено вакви уреди.  Целта е да се поттикне користењето на електричен погон што ќе придонесе за заштита на животната средина. 

Во Град Скопје, каде е и најголема продажбата на сите видови автомобили, досега се поставени околу пет полначи за електромобили на јавните паркинзи, но надлежните најавуваат дека во следниот период ќе бидат поставени 17 полначи на различни локации низ градот.

- Ние сме мал играч на светскиот пазар кога е во прашање автомобилската индустрија. Јас сум должен поради визијата за градот, да подготвам ваква инфраструктура. Досега на јавните паркинзи во Град Скопје наместени се повеќе од пет полначи на електрични автомобили, а до крајот на годината ќе бидат 17 на различни локации низ градот. Тие својата соодветна употреба кај и да е ќе почнат да ја имаат бидејќи тоа е неминовност во трендот кој владее кај производителите на автомобили во светот, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов во изјава за МИА.

Развојот на електромобилите претставува закана за нафтените компании и може да предизвика пад на цената на „црното злато“ поради што овие компании во светски рамки почнаат да се насочуваат кон развивање на мрежи за полнење на електричните возила.