Донесете 9 здрави одлуки кои ќе ги почитувате во новата година

Почетокот на годината е убав момент да се започне одново, да се исправат грешките од старата година и во новата да се влезе со свежа решителност и оптимизам.

Доколку не сте задоволни од тоа како ја минавте 2015 во поглед на здравиот живот, ние ви нудиме 9 одлуки кои што ќе ве променат на подобро. Контролирајте ја телесната тежина, откажете се од штетните навики, вежбајте, бидете позитивни... Сметајте дека новата 2016 ви дава нова шанса да се грижите подобро за себе си. 

1. Контролирајте ги порциите што ги јадете

Едноставно е. Ако сакате да ја „намалите“ својата фигура, намалете ја големината на порциите што ги јадете. Некои студии покажуваат дека јадењето во помали садови го поттикнува губењето на прекумерната телесна тежина со тоа што го спречува прејадувањето. 

2. Бидете активни

Луѓето со убаво тело имаат една заедничка карактеристика – секогаш се во движење. Пробајте да вметнете барем 30 минути на некаква физичка активност во текот на денот. Можностите се неограничени. 

3. Намалете го јадењето сол

Некои испитувања покажуваат дека луѓето консумираат двојно повеќе од препорачаната дневна доза на сол (што е колку една кафена лажица). Солта ја задржува водата во организмот и го покачува крвниот притисок. Конзервираната храна содржи многу сол па погрижете се да ги читате налепниците. Диетата со помалку сол води кон намален ризик за кардиоваскуларни заболувања. 

4. Внесувајте антиоксиданси

При варењето на храната, организмот ослободува молекули наречени слободни радикали. Пушењето цигари и зрачењето исто така произведуваат слободни радикали. Со тек на време, штетата предизвикана од овие молекули може да доведе до инфекција, рак, срцева болест итн. Тука настапуваат антиоксидансите. Тие го чистат организмот од штетните слободни радикали. Внесувајте храна богата со антиоксиданси. Интересно е што дури и кафето и чоколадите содржат вакви корисни материи. 

5. Оставете ги цигарите!

За пушачите, оставањето на цигарите е најтешката можна одлука која ќе ја испочитуваат до крај. Ако ги пресметате сите бенефити од неа (не само здравствените) и ако се решите да ги послушате вашите најблиски, 2016 година ќе биде годината во која ќе бидете успешен непушач! 

6. Користете забен конец

Многумина не знаат дека запоставувањето на усната хигиена може да предизвика размножување на штетни бактерии кои предизвикуваат сериозни здравствени проблеми. Можеби и не сте знаеле и дека при рутински преглед вашиот стоматолог може да најде индикации за срцева болест или дијабет. Едноставен начин за спречување на размножувањето на бактериите во просторите меѓу забите е користењето на забен конец. 

7. Користете креми за сончање, дури и кога не е лето

Изложувањето на сонце ги афектира сите. Сончевото зрачење е кривец за ракот на кожата, појавата на невуси и предвременото појавување на брчки. Користете креми за сончање дури и во зимскиот период. Посебно ако одите на скијање. 

8. Вежбајте за да станете посилни

Со само 10 минути дневно вежбање можете да добиете повеќе енергија, поцврсти коски и побрз метаболизам. Правете обични фискултурни вежби во вашиот дом користејќи тегови, склекови или стомачни... Побрзо ќе ги потрошите калориите. 

9. Очекувајте да ви се случуваат убави работи

Да имате позитивен став и оптимистички очекувања за себе си, е важно и за психичкото и за физичкото здравје. Секако дека тоа е полесно да се каже отколку да се направи. Ако успеете да го зачувате ведриот дух и во тешките ситуации, тогаш сте направиле огромна услуга на вашето здравје.