Во понеделник, по големиот празник Прочка, започнува најдолгиот пост во православието - Велигденскиот пост.
Велигденскиот пост е најдолг и најстрог од четирите големи пости во православната вера. Се пости на вода, со исклучок на викендите, освен кога се работи за Голема сабота, ден пред Велигден.
Низ продавниците и маркетите веќе има и посебни рафтови кои нудат посни намирници, а се поголем е бројот на посни замени на стандардните продукти, па така, сега има посно сирење, посен кашкавал, па дури и посен сладок крем.
За тоа како овој пост влијае на здравјето на организмот од стручен аспект поразговаравме со нутриционистката Бојка Динева Јовановска.
За претстојниот Велигденски пост вели дека е најдолг, но и најкорисен пост (поради времетраењето).
- Со оглед на тоа што е во период кој што изобилува со чести настинки, вируси, грипови, а со тоа доведува и до паѓање на нашиот имун систем, период кога организмот е пренатрупан со преголема количина на агресивна храна, храна богата со трансмасти, храна која што нема ензими, термички обработена храна... Овој пост ќе донесе пролетно чистење на организмот и многу бенефити по нашето здравје, вели таа во разговор за Скопје Инфо.
Оценува дека со овој пост (а и со секој друг пост) можеме само да го подобриме нашето здравје, а неможе да му наштетиме!
- Секој оној кој што сака да си го подобри здравјето, енергијата да му е на највисоко ниво, може да пости. Посебно трудниците и доилките на кои што им е потребно и треба да имаат здрав и чист организам, препорачува Динева.
Ја прашавме дали треба да се направат некои анализи пред да се започне со истиот?
- Убаво е да се направи една крвна анализа (диференцијална) кај сите оние кои што параметрите им се над или под нормалата за да се видат подобрувањата пред и по постот.
Бидејќи месото е исклучено, па ја прашавме што се препорачува од нутриционистички аспект за замена.
- Тука ке ги напоменам и спанаќот во комбинација со оризот, хељдата, печурките, јаткастите плодови (бадеми, леблебија, кикирики) и секако рибата (која што во постот се конзумира само за празниците Благовец и Цветници). Би ги додала маслинките како додаток кон сите јадење, бидејки се и добра замена за сирење...а се богати со мононезаситени масни киселини кои што се потребни за нашиот организам, ќе ни ја заменат потребата за солта од сирењето.
Согласно верскиот типик не е дозволена ниту риба, ниту масло, освен некои денови? Дали е тоа добро за организмот?
- Да, ако секој пост ако се практикува правилно и на здрав начин, кој што вклучува храна богата со сите потребни макро и микро нутритиенти, ензими, витамини, минерали, протеини, масти... На прво место најпотребно и најважно е да се внесуваат плодовите од природата ОВОШЈЕТО и ЗЕЛЕНЧУКОТ и да се пие „златниот напиток“ - ВОДАТА. Тука ќе ги споменам и комбинациите од мешунки и житарки, даваат протеини кои се похумани од животинските. На пример мешунки, грав, грашок, леќа, боранија во комбинација со просо, хељда, киноа, амарант...
Нашата соговорничка порачува дека сите ние треба да го сватиме постот како благослов.
- Повеќе дружба со природата, помалку дружба со болниците и докторите! - вели таа.
Постот не е само откажување од мрсната храна, туку најважно е да се работи и на воздржување од лоши мисли и дела, со кои ќе успеете да ги победите телесните страсти со духовна сила. Народот вели „Кој пости, душата ја гости“!