2018, ми беше задоволство. Јас и ти заедно имавме многу подеми и падови, да не речам повеќе падови отколку подеми, но мораше да биде така. Морав да ги научам лекциите кои ти сакаше да ги научам.

Морав да изгубам многу работи за да почнам да го ценам она што го имам. Морав да го допрам дното за да научам како да се издигнам и да бидам подобра, попаметна и посилна.

Сега, кога ова поглавје е при крај, сакам да ти кажам дека не сум лута повеќе. На почетокот бев лута и не сакав да го прифатам она што ми се случуваше. Не можев да прифатам толку лоши работи одеднаш.

Сега сфаќам дека сѐ се случуваше со причина. Сите грешки кои ги направив го градеа патот кон посреќна иднина. Само не можев да го видам тоа во моментот. Но, сега го гледам и го знам тоа.

2018, ти ме научи да верувам во себе кога се чувствував најнесигурна. Ме научи да станам и да се борам, кога сѐ што сакав беше да лежам и да не се поместувам од кревет. Ти направи да го слушам тој мал глас во главата кој велеше: „Обиди се, биди подобра, биди посилна, потруди се повеќе!“

Ти ме извади од мојата комфорна зона и направи да се соочам со моите стравови наместо да избегам од нив. Ти благодарам. Во текот на оваа година сфатив што значи да се биде храбар и да се искористат сите можности кои постојат. Научив дека не може да останам заглавена во минатото. Мора да гледаш напред, затоа што ако не го зграпчиш моментот, тој никогаш нема да се врати.

2018, ти ме научи да живеам во сегашноста, да се ослободам од минатото и да ѝ се радувам на иднината.

Драга 2018, ми приреди многу изненадувања кои не ги очекував. Ме фрли во ужасна бура која ме фрлаше наваму-натаму.  Но, драга 2018, ти исто така ми даде надеж, оптимизам и верба дека можам да преживеам сѐ – и лошата среќа и лошите карти кои ми беа доделени. Научив дека секогаш има излез, секогаш има решение. Ми даде сила која не знаев дека имам во себе. Научив лекции кои никогаш нема да ги заборавам.

Истовремено сум тажна што си заминуваш, но и среќна затоа што сега ќе можам да почнам одново. Можам да правам што сакам. Можам да ги остварувам соништата и да се ослободам од она на кое не сакам да се сеќавам. 2018, фала ти за сите грешки. Фала ти што ми помогна да станам поинаква личност!

Секогаш ќе се сеќавам на тебе, но време е да ти кажам збогум!