Зелените пазари полека ја губат битката со големите супермаркети во кои се продава овошје и зеленчук. Причините се најразлични, но како главна причина е можноста на едно место да се набават сите потребни продукти за дома и истовремено да се плати со картичка.

И продавачите на тезги тоа го потврдуваат ова и велат дека последниве години е намалена потрошувачката. Продавачите на зелените пазари се прашуваат дали помалку се купува поради намалената куповна моќ или поради преорентирање на купувачите во маркетите.

– Во последно време има се помалку купувачи и оние што купуваат најчесто купуваат набрзина без многу да одбираат, вели една продавачка на тезга на “Зелен пазар”.

Граѓаните поделени околу тоа каде е поевтино и поквалитетно да се пазари. Постарите велат дека пазарите се местото каде што може да се купи овошје и зеленчук од познат пазарџија и за пониски цени, но помладите велат дека за посета на пазар треба да издвојат повеќе време.

– Поквалитетно е во продавница и можам да купам со картичка. Во маркетите сам можеш да си одбираш, додека на пазарите продавачите ти ставаат, вели една купувачка во супермаркет.

Меѓутоа има и такви кои не сакаат да ја напуштат традицијата и секој вторник и петок редовно си одат на пазар. Обично тоа се пензионери кои сакаат да го искористат бесплатниот јавен превоз, да се прошетаат и да испазарат нешто за дома.

– На пазар се тазе работите, во маркетите понекогаш не се трошат и стојат по неколку дена. Затоа повеќе специјално доаѓам секој вторник и петок на пазар, вели Ѓоко од Кисела Вода.

Според продавачите пак, стоката на пазарите е посвежа, бидејќи има многу индивидуални земјоделци кои сами го произведуваат овошјето и зеленчукот што го продаваат, а во маркетите овошјето и зеленчукот се набавува на големо од прекупци. Нормално е луѓето да купуваат повеќе во маркет бидејќи се им е на едно место. На пазар со картичка не може да се плати затоа и се чувствува конкуренција. Некои купуваат од места каде што им е поблиску, но има и такви кои обрнуваат внимание на цените и на можноста сами да си ги одбираат производите.

– Искрено имав навика да купувам од пазар, во близина ми отворија дуќанче за зеленчук и овошје каде што цените се поевтини од пазарот. Можам сама да одбирам за разлика од пазар каде што ми ставаат од задната страна, и кога ќе искоментирам некултурно ми возвраќаат, вели Зоре од Карпош.

Од друга страна, пак, поголем дел од граѓаните сметаат оти во маркетите купуваат побезбедни производи, отколку на зелените пазари и тоа е една од причините зашто нивниот избор е маркет, а не пазар.