Мрсни цени за велигденските пости

Дали пандемијата и кризата си го направија своето? Цените на производите се зголемуваат, а куповната моќ на граѓаните е иста или пак видно намалена. 

Денеска една, наредниот ден друга цена. 

Граѓаните реагираат, но кој има слух за нив? Килограм благи пиперки се продава како килограм месо. 

Пред секој верски празник, па така и сега пред Велигден, на пазарите цените на производите што се консумираат во овие претпразнични посни денови се зголемуваат. Ова не е само констатација на граѓаните, туку и на здруженијата на пазарџии, кои тврдат дека така е и сега со одредени производи што се купуваат за велигденските пости, домати, краставици, зелка, марули...Се' се продава за 5 до 20 денари поскапо, велат граѓаните, а од здружението на пазарџии потврдуваат дека цените отишле дури за 20 отсто погоре. 

На пазарите низ Скопје краставиците се продаваат по цена од 70 до 100 денари за килограм, лутата пиперката се продава по цена од 120 денари, додека пак благата достигнува и 200 денари. Од 300 до 350 денари за килограм се продава лукот, а три китки млад лук е 50 денари. Младата зелка е околу 60 денари килограм, а младиот компир од 80 до 120 денари за килограм. Доматите се продаваат по цена од 100 до 160 денари килограм. 

Цена на јагодите е од 100 до 120 денари за килограм. Лимонот, портокалот и бананите чина околу 60 денари килограм, додека пак јаболкото се продава за 40 денари. 

Една табла јајца може да купи од 120 па се до 200 денари.