Вработените во образованието најавуваат штрајк од први септември

Најавеното покачување од 5% на платите во образованието предизвика само револт кај засегнатите. Од СОНК се жалат дека нивните плати се далеку под просекот, во градинките нема основни услови за работа, во високото образование и наука нема колективен договор, а социјален дијалог меѓу Синдикатот и ресорните министерства речиси и да нема.

Зголемување на платите од 30% е прифатливо решение за нив и предлагаат да се реализира со разумна динамика во наредните години.
Бараат итни преговори час поскоро. Велат дека ако не се најде решение за нивните проблеми до 20 август, ќе свикаат тогаш итна седница за да донесат одлука за натамошните активности, не исклучувајќи ја притоа и опцијата за генерален штрајк од 1 септември.

Статистичките податоци покажуваат дека просечната нето плата во март изнесува околу 23.700 денари. Од Синдикатот велат дека вработените во детските градинки земаат 14.000 денари плата, воспитувачките 18.000, а во основните и средните училишта платите се движат помеѓу 18.000 и 21.000. Тоа е далеку под просекот, велат, а некои од нив месечно трошат и по 6.000 денари само за превоз, бидејќи секојдневно патуваат во повеќе училишта по селата низ Македонија.

И покрај напорите за социјален дијалог, од СОНК се жалат дека ресорните министерства веќе подолг период остануваат глуви на нивните барања.