Во светот зголемен бројот на заболени млади луѓе од рак, покажуваат најновите истражувања

Во последните три децении за речиси 80 проценти е зголемен бројот на лица помлади од 50 години кои се заболени од рак, покажуваат резултатите од најголемата студија која се занимава на оваа тема. Глобалниот број на заболени од рак се зголеми од 1,82 милиони во 1990 година на 3,26 милиони во 2019 година, додека смртните случаи од рак кај луѓето под 50-годишна возраст се зголемија за 27%.

Истражувањата покажаа дека повеќе од еден милион луѓе помлади од 50 години годишно умираат од рак. Експертите засега не можат со сигурност да кажат што се крие зад големиот пораст на заболени од рак, но сметаат дека лошата исхрана, употребата на алкохол и тутун, слабата физичка активност и дебелината се меѓу причините.

„Од 1990 година, инциденцата и смртноста на раните форми на рак значително се зголемија на глобално ниво. Поттикнувањето на здрав начин на живот, кој вклучува намалена потрошувачка на тутун и алкохол, здрава исхрана и соодветни активности на отворено, може да го намали ризикот од такви болести “, велат научниците во истражувањето, како што пренесува „The Guardian“.

Претходните студии покажаа дека во последните неколку децении, во различни делови на светот, инциденцата на рак кај луѓето помлади од 50 години се зголемува. Но, најновото истражување, спроведено од Универзитетот во Единбург во Шкотска и Медицинскиот факултет на Универзитетот Жеџијанг во Кина, е прво од ваков вид што го испитува проблемот на глобално ниво и ги истражува факторите на ризик за помладите возрасни лица.

Повеќето претходни студии се фокусираа на регионалните и националните разлики. Во оваа глобална студија, научниците анализираа податоци од 204 земји кои покриваат 29 видови на рак. Тие ги разгледаа новите случаи, смртните случаи, здравствените исходи и факторите на ризик за луѓето на возраст од 14 до 49 години за да проценат како се променила ситуацијата помеѓу 1990 и 2019 година.

Во 2019 година, имаше 3,26 милиони нови дијагнози на рак кај оние под 50 години, што е 79% зголемување од 1990 година. Ракот на дојката доминира во најголем број на случаи. Помеѓу 1990 и 2019 година, најбрзо се зголемил бројот на случаи на ран почеток на рак на душникот и простатата.

Во 2019 година, 1,06 милиони луѓе на возраст под 50 години починале од рак, што е зголемување за 27% во однос на бројката од 1990 година. По ракот на дојка, најголем број смртни случаи се поврзани со рак на душникот, белите дробови, желудникот и цревата. Најголем пораст на смртните случаи има кај луѓето со рак на бубрези или јајници.