ВМРО – ДПМНЕ ги утврдува кандидатите за новата влада, кој ќе седне во министерските фотелји?

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска на седници треба да ги утврди кандидатите за министри од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од партијата на мандатарот Христијан Мицкоски.

Тоа тој го соопшти пред четири дена и најави дека во вторник, 18 јуни, до Собранието ќе биде доставен официјалниот список на кандидатите за членови на новата влада.

Во владата, која е реорганизирана со законски измени усвоени во Собранието, и ќе има 20 министерства, ќе учествуваат претставници на коалициите „Твоја Македонија“ и „Вреди“ и од партијата ЗНАМ.

Во изјава пред неколку дена мандатарот Мицкоски потврди дека опозиција ќе бидат коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ и политичката партија Левица.

Иако во јавноста веќе се спомнуваат конкретни имиња за одредени ресори, официјални предлози за министри засега соопштија Беса, ЗНАМ и Алтернатива кои беа утврдени од нивните партиски тела.

Неофицијално, министерските места кои припаднаа на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ќе бидат пополнети со раководството на партијата, односно со најблиските соработници на Мицкоски. Александар Николоски, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски се споменуваат како кандидати за ресорите одбрана, надворешни работи и транспорт и врски, Стефан Андоновски ќе биде новиот министер за дигитализација, а Весна Јаневска треба да седне во министерското место за во Министерството за образование. Во игра за министерска позиција се споменува и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија.