Мицкоски до Груевски: Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да за спротивставам

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска претпладне, преку фејсбук статус му се обрати на неговиот претходник Никола Груевски преку статус на социјалните мрежи, во кој му порачува дека нема да успее да внесе раздор во најголемата опозициска партија.

Мицкоски претходно за германски медиум рече дека актуелната власт направила договор со Груевски да се внесува раздор во ВМРО-ДПМНЕ и да се прави притисок за двотретинско мнозинство за уставните измени. Подоцна во текот на вчерашниот ден се огласи и Груевски од Будимпешта со коментар дека Мицкоски нема докази дека постоела комуникација помеѓу него и власта предводена од СДСМ.

„Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам. Нема потреба од дијалог преку медиуми, но бидејќи ми се обрати со статус само еднаш ќе ти одговорам на ист начин:

Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден кога ќе се видиме очи во очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане се подолго креирајќи атмосфера каде се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина. Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да за спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која се повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните. А нас политичарите народот не бира и ние одговораме пред народот за нашите постапки. За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и арнжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018та, ова е друго време.

Како велеше, "вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе", а вистината ја знаеме и јас и ти..., но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно“, гласи статусот само што го објави Мицкоски.