Toшковски вети просперитетна и безбедна држава, Муцунски цврсти меѓународни односи, раст и развој

Мандатарот за состав на нова влада, Христијан Мицкоски вечерва ги соопшти имињата за министри во новата влада. Помеѓу нив се досегашниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и техничкиот министер во Министерството за внатрешни работи, Панче Тошковски. Првиот е предложен за министер во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, додека Тошковски останува да го води ресорот кој го управуваше во техничкиот период.

Тошковски во својот фејсбук статус се заблагодари за довербата дадена од страна на претседателот Христијан Мицкоски и вети неуморна работа.

„Ветувам дека ќе работам неуморно за подобрување на условите за живот на сите граѓани и за обезбедување на безбедна, просперитетна и праведна Македонија.“, напиша Тошковски на Фејсбук.

Муцунски нагласи дека ја цени честа која му е доделена да ја води оваа одговорна позиција на најави дека ќе работи исклучиво и согласност со интересите на граѓаните.

„Искрено ја ценам честa која ми е доделена и сум длабоко свесен за одговорноста која доаѓа со оваа позиција. На оваа функција пристапувам со цврста решеност и посветеност да работам исклучиво за интересите на нашата драга држава и сите нејзини граѓани. Ќе направам сè за да придонесам за развојот и напредокот на нашата земја, преку транспарентно, одговорно и ефикасно работење.

Во период на сериозни глобални предизвици и можности, нашата посветеност на дипломатијата, дијалогот и меѓународната соработка се поважни од било кога. Во таа насока, ќе се залагам за градење и одржување на силни и цврсти односи со сите значајни меѓународни партнери, со цел да ја зацврстиме нашата позиција и да создадеме можности за економски раст и развој.“, напиша Муцунски на Фејсбук.

Следниот викенд е резервиран за гласање на новата влада, по што новите министри и официјално ќе ги преземат министерските позиции.