Владата го пречека Курц со погрешно знаме

Владата го пречека канцеларот Себастијан Курц со погрешно знаме, наместо со австриското, кое требаше да биде поставено пред платото на Владата.

Националниот симбол на Австрија има правоаголна форма и е поделено на три еднакви правоаголници. Знамето поставено пред Владата беше со помала ширина во делот на белата лента. Погрешно скроеното знаме го забележаа новинарите од Австрија, кои ја следеа посетата на канцеларот Курц.

Според присутните, знамето кое било поставено, според изгледот, наликувало на националниот симбол на Латвија. Но, знамето на оваа земја има темноцрвена боја.

Австрискиот канцелар беше пречекан од премиерот Зоран Заев и министрите од Владата со највисоки почести. Тој на прес-конференција рече дека неговата држава е најважниот инвеститор за Македонија и изрази поддршка за референдумот. Според канцеларот, решението на спорот со името е голема шанса за Македонија да биде дел од Европската Унија.