Велковски: Се вршат притисоци врз вработени да не даваат податоци за откриените злоупотреби

Во центрите за социјална работа се вршат притисоци врз вработени се со цел да не се откриваат злоупотребите кои се направени, вака известуваат од кабинетот на министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски. Денес попладнево неколку директори на центри за социјална работа побараа извинување преку дописи до медиумите оти бил нарушен интегритетот на вработените.

„На прес-конференцијата во ниеден момент не се потенцира кои одговорни лица вмешани во овие злоупотреби, туку се посочуваа дека се вклучени повеќе лица за кои понатамошните постапки ќе ја утврдат одговорноста. Почитувани директори на центрите за социјална работа, доколку се докаже дека по откривањето на овој скандал направите макар еден прекин на социјална помош по основот кој го наведовме дали ќе ја преземете комплетната одговорност за злоупотреба на исплата на средства на лица кои не исполнувале законски услови со месеци или години назад?“, велат од Кабинетот на техничкиот министер за труд, Велковски.

Од таму нагласуваат со ваквиот атак врз техничкиот министер на површина излегла грубата партизација во  Министерството од досегашните министри.

„Од вчера сме сведоци и на притисоци  кон вработени и инспектори да не се доставуваат податоци за откриените злоупотреби. Директорите на центрите за социјална работа, кои се поставени од претходните министри на СДСМ, откривањето на противправни исплати на социјална помош го преставуваат како навреда кон вработените“, велат од Кабинетот на техничкиот министер.

Неколкумина директори на центри за социјална работа попладнево испратија идентична реакција на изјавите на техничкиот министер.

„Навредите на еден министер кон сите вработени и повредата на достоинството на директорите е неприфатливо однесување за предводник кој треба да влева доверба и сигурност кај граѓаните! Како директори јавно го искажуваме своето незадоволство од непромислените изјави на техничкиот министер, Велковски на вчерашната прес-конференција. За еден професионалец да работи во социјална заштита потребна е посветеност, толеранција и емпатија, чиста професионалност и информираност, а пред се знаење. Министер што не ги проверува информациите пред да ги каже во јавност а притоа ги навредува сите вработени во институцијата каде моментално тој е на чело е целосно неприфатливо. Бараме извинување за нарушување на интегритетот на нашите вработени, како директори го цениме трудот на вработените и никакви политички игри не смеат да ја навредат нивната професионалност!Човек што не ги почитува вработените, не можи да води едно од најголемите министерства во државата!“, стои во реакцијата која ја испраќаат директорите на центрите.