Вардар и Металург ќе ги одмерат силите на стартот од новата сезона во СЕХА

Македонскиот шампион Вардар и вицешампионот Металург, ќе се сретнат во првото коло на седмото издание на Регионалната лига. Тимот од Автокоманда ќе го пречека бранителот на титула на 29 или 30 август.

За да се задржи регуларноста на СЕХА-лигата, одлучено е државите коишто имаат две екипи во ова натпреварување секогаш да ги играат првите натпревари меѓу себе. Поради тоа изгледот на првото коло се дуели кои се национално дерби.

Хрватските претставници Загреб и Нексе, српските клубови Војводина и Динамо Панчево, како и словенските Горење и Целје се останатите парови од првото коло. Единствено Татран Прешов и Мешков Брест не се ваква двојка, бидејќи доаѓаат од Словачка, односно Белорусија.

По три години учество во Регионалната лига, вицепрвакот Веспрем се откажа, додека БиХ нема да има свој претставник. Бројката од 10 екипи ја надополнија Војводина и Динамо Панчево, кои се враќаат по една година пауза.