Уште непочнато судењето за спортските ваучери на АМС се одложи, не се појави првообвинетиот Дарко Каевски

Откако на првото рочиште не се појави првообвинетиот Дарко Каевски судењето за спортските ваучери на Агенцијата за млади и спорт се одлага за 9 јули. Авокатот на Каевски, Петре Шилегов кажа дека неговиот клиент е на домашно лекување откако му бил извршен оперативен зафат на тетивата.

Покрај Каевски на обвинителна клупа ќе седнат и директорот на АМС, Наумче Мојсовски и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, потоа Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.

Целата работа настана откако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесе иницијатива до надлежниот обвинител дека постои сомнеж во доделувањето на спортските ваучери од страна на раководни лица од АМС. Веднаш потоа јавниот обвинител поднесе обвинителен предлог против 12 луѓе за кривични дела „злоупотреба на службена положба“ и за „несовесно работење“.

Судењето го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Лидија Раичевиќ.