Уапсен дилер на дрога, ќе му запленат имот во вредност од 600 илјади евра

Во вчерашната акција на МВР бил уапсен Р.К(45) од Скопје поради недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материјали. Осомничениот и претходно и бил познат на полицијата каде бил осуден и издржал казна затвор од 15 години поради продажба на дрога.

Од МВР соопштуваат дека во текот на истрагата обезбедени се материјални докази и утврдено е дека Р.К. набавувал кокаин, хероин и марихуана и потоа ги препакувал и ги препродавал по цена од 3000 денари за пакување кокаин, од 600 до 1000 денари за пакување хероин и 600 денари за пакување марихуана. Во текот на истрагата обезбедени се докази дека Р.К. продавал дрога на поголем број лица.

На 14.01.2024 во координација со САЕ Тигар во населбата Гази Баба во Скопје извршени се претреси на три локации. При претресите се пронајдени кокаин, три дигитални ваги и др., а во деловниот објект се пронајдени 21 компјутери со монитори и гејмерска опрема, разновидна компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, за кои постои сомнение дека се купени од парите од продажба на дрога.

По приемот на кривичната пријава, во текот на денешниот ден, Основното јавно обвинителство Скопје ќе донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик. До Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Од МВР велат дека во текот на постапката, против осомничениот ќе биде спроведена и финансиска истрага. Ако се утврди дека опремата која му е пронајдена како и превозните средства и недвижниот имот му се стекнати со продажба на дрога тогаш ЈО ќе поведе постапка за конфискација, во согласност со законските одредби.