Свечено отварање на „Бомска улица“ со српски тамбураши

Вториот дел од „Боемска улица“ во Општина Центар вечер свечено ќе биде пуштен во употреба со настап на бардот на староградската музика, познатиот Звонко Богдан, придружен со седуммина тамбураши.

Реновираниот дел се протега од улицата „Орце Николов“ до дворот на Градежниот факултет, во должина од 270 метри и површина од 4.000 метри квадратни.

Улицата ќе има посебен режим на сообраќај, исто како и првиот дел од „Боемска улица“. Граѓаните ќе може да уживаат во тишината и пријатната музика на кафеаните, бидејќи на новата Боемска улица, паркирањето ќе биде забрането.

Како што информира Општина Центар, во план е проектот да продолжи со трета фаза, односно реконструкција на улицата „Михаил Цоков“ и нејзино претворање во пешачка зона. Со тоа се создаваат услови овој дел од Дебар Маало да го носи името „Боемски кварт“.