Центарци се пожалија на гласна музика од Боемска улица

Веќе втора година по ред, улицата "Ѓорѓи Пешков" во Дебар Маало е претворена во "Боемска улица", и исто толку време бучавата и гласната музика честопати ги остава без сон жителите на околните згради.

За овој проблем известени се надлежните органи како и градоначалникот на Општина Центар од кого е побарано да преземе мерки за решавање на овој проблем кој е од големо значење за жителите.

Летото е период кога посетеноста и фреквенцијата на оваа улица е значително зголемена, терасите на угостителските објекти се пуштени во употреба, а бучавата е неизбежна.

- Во кафеаните на "Боемска" се свири жива музика и истата не може да е толку гласна за да ја пречекори границата на дозволените децибели. Преку ден музиката е во границите на дозволеното, и тоа не ги вознемирува жителите. Бучавата најчесто се создава после 12 часот навечер и тоа од страна на гостите во кафеаните. Во тој период општината не е надлежна за решавање на овој проблем, тоа е во надлежност на полицијата. Службите од општината постојано се на терен и се грижат се да е во најдобар ред, истакнаа од Општина Центар.

Оваа улица претставува пешачка зона на која се лоцирани неколку угостителски објекти, кои граѓаните често ги посетуваат уживајќи во староградскиот амбиент кој оваа улица го нуди.

Во план е состанување на градоначалникот со сопствениците на кафеаните, со што овој проблем ќе биде посочен и во најкус можен рок надминат. Пропишаните законски дозволени нивоа на бучава за станбените реони изнесуваат 55 децибели преку ден, а 45 децибели за навечер.

Законот за бучава предвидува парични казни во износ од 500 евра на правно лице и 300 евра на одговорното лице во правното лице за прекршителите на пропишаното.