Познатите скопски боеми и кафеанските анегдоти

Скопје е препознатливо по боемството, кое на градот му давало посебен белег и специфика. Боемите најпрвин ги посетувале ановите и кафеаните во Чаршијата, за да бидат подоцна и новите ресторани, кои се отвораат од десната страна на Вардар, нивно собиралиште.

Скопските боеми имале свој посебен стил и елеганција. Токму тој стил, но и слободниот, критички однос кон општеството и средината, кон конвенциите, клишеата и нормите кои го задушувале и затапувале духот и инвенцијата, биле нивна препознатливост.

Да се биде боем, не значело само да се седи во кафеана. Тие се изделувале токму по тој слободен дух и неконвенционалноста. А кафеаната, се разбира, бил нивниот природен елемент, без кој не се можело.

 За скопското боемство посебно е карактеристичен меѓувоениот период. Професорот Кирил Пенушлиски, кој во тоа време бил млад новинар во скопските редакции, одлично го познаваше Скопје. Кога ќе се сретневме во некоја од издавачките куќи, не пропушташе да ми раскаже нешто за тоа време, за да можам сето тоа да го запишам. Позната личност и најславен боем тогаш бил поетот и новинар Раде Драинац, раскажува скопскиот хроничар Данило Коцевски.

“Тој беше присутен насекаде, по редакциите, концертите, на читањата, во театарските кругови. Наспроти Католичката црква (во близината каде што денес се наоѓа “Кафе ди Рома”), имаше една тесна мала уличка, со меана. Таму Драинац седеше со неговите пријатели. Таму пиејаа, велеше Пенушлиски.

Една стара скопска боемска меана од Чаршијата ја има опишано и Мирослав Крлежа во романот “Знамиња”. Тоа е познатиот “Јанчев ан” или “Јанчева меана”. На тој простор околу црквата “Св. Спас” се наоѓале и познатите боемски кафеани “Маврово”, “Шар”, “Бела кафеана”, “Фенерли ан”. Во новиот дел на Скопје, од десната страна на Вардар, со најпознат боемски имиџ биле рестораните “Париз”, “Руски цар”, “Турати”, “Лондон”, “Идадија” “Бристол”, “Москва”, “Балкан”, по војната и рестораните “Македонија”, “Крушево”, “Кермес”, “Победа”, “Метропол”, “Зора”, “Сплендид”, “Пелистер”, Клубот на писателите, “Букет”.

А што да кажеме за старите боеми, без да направиме грешка и да испуштиме некој од нив? Пред војната, тоа биле, Јован Костовски (чика Јово), театарски критичар, Санде Грофот, Гркот Зорбас (тој само за себе и за неговото друштво ја затворал кафеаната “Маргер”), потоа Ванчо Чанак, Киро Европа, Никола Мартиновски, артистите Петре Прличко и Тодорче Николовски. Тука се спомнуваат и некои од видните скопски дами, артистки и пејачки – г-ѓа Ташана, г-ците Мери Похрадски и Марица Шими. По војната, Бранко Заревски – Цуцул, Панде Попот, Лазо Кавалот, Димитар Гешовски, Ацо Снагата, Драги Костовски, Киро Чауле, Бане Ковач, Цветко Мартиновски, Душко Самба, Михо Атанасовски, чика Илија, Бранко Варошлија, Димитар Солев, Гане Тодоровски, д-р Мицев, Петре М. Андреевски, Глигор Чемерски, Чедо Јакимовски, Ѓорѓи Божиков, Ристо Шишков, Стојан Сосот, Гаврош, Атанас Бабата, Климе Мазов, Панче Уневски.

Некои од нив, во шеесеттите и во седумдесеттите години имавме можност лично да ги познаваме, додека за другите дознававме преку белешките на постарите хроничари.

На кафеанските анегдоти им нема крај, иако тие имаат повеќе варијанти. Во Скопје, меѓу двете војни, живеат бројни руски емигранти. Со тек на времето, некои од нив стануваат видни личности и газди во градот.

Во кафеанската врева го прашуваат еден од емигрантите: “Ти, чиј син си?”, овој одговара: “Татко ми не го знаете, ама газдата на кафеаната ‘Рускиот цар’ ми е вујко”. “Што? рускиот цар ти е вујко?” “Да”, вели тој во вревата во која тешко можат да се разберат. Оттогаш, за него во кафеаната секогаш имало посебна маса и пијачка. А што ако рускиот цар навистина му е вујко?

Во педесеттите години, познат писател и боем, уредник во најголемиот дневен весник кај нас, седи на маса во ресторанот Македонијаа, заедно со млад новинар соработник. “Ене го твојот славен француски писател и интелектуалец”, му вели уредникот, “заради кого сакаш да одиш во Париз и да направиш интервју со него. Седи зад тебе со неговата пријателка во сепарето наспроти нас”. Младиот новинар и не се обидува да се сврти, бидејќи смета дека уредникот испил алкохол малку повеќе отколку што треба. Утредента се објавува сензационална вест дека големиот интелектуалец навистина престојувал во Скопје, на пропатување за Грција. Младиот соработник ја пропуштил животната шанса да го направи интервјуто.

Во сепарето на ресторанот “Македонија”, навистина седел Жан-Пол Сартр лично, со Симон де Бовоар.

Познат скопски трговец го испратил неговиот син со многу пари во Лондон, за да набави стока. Синот, мераклија по меаните и по песната, слегол на првата станица по Скопје, лумпувал во кафеаната и, заедно со пејачката, заминал со наредниот воз. Истото го направил и на неколку наредни станици на кои запирал возот, сe до Ниш и Белград. Во Париз пристигнал со неколку пејачки, ги исплатил и им купил билети за назад. Тој самиот заминал за Лондон. Откако таму го потрошил и последниот динар, им напишал на неговите да му испратат пари за да се врати дома. Кога пристигнал, сите го пречекале среќни, весели и расположени. Ете, се вратил синот на мама и тато, жив и здрав.

Познатиот шегаџија и страстен навивач на “Вардар” Панче Уневски, во кафеана имал негова постојана маса. Ако некој претходно седел на неа, Панче ја плаќал и неговата сметка. Да се знае кој е кој, и чија е масата.