Свадбените ора во Македонија се играат на кредит

Кредит за реновирање, станбен кредит, кредит за автомобил, па дури и кредит за патување, но во последниов период се поактуелен е и кредит за свадба.

„Еднаш се прави свадба“...

За се изгледа како што замислиле младенците и нивните родители или за да се покажат пред роднините и пријателите, родителите најчесто се принудени да подигаат кредити, за да ги покријат сите свадбени трошоци.

Резервирање на ресторан, стотици гости, најмување музика, подготвување бовчи, купување на венчаница и костим за младоженецот. купување златен накит, бурми, па се до украсување, покани, китенки, бомбонки, фотографирање, трошоци за храна и пијалоци во домовите на младенците, како и набавка на гардероба за домашните и најблиските, кои на овој „важен“ ден мора да изгледаат беспрекорно.

Пред три години правевме свадба на ќерката. Сакавме да поминеме скромно, бидејќи немавме многу финансии. Сепак и тие што ги имавме, беа земени од банка. Поминаа три години од свадбата, а ние се уште го враќаме кредитот. Не се каеме, убаво е тоа, вели една скопјанка.

Од банките во Македонија велат дека речиси секоја втора свадба во Македонија е на кредит. Некои земаат 2.000, а некои дури и 8.000 евра за само еден ден.

Игор е од Скопје, тој во јули годинава ќе прави свадба. Се е закажано и резервирано.

-Планиравме да не земеме кредит. Сметавме дека ќе ни стигнат парите кои ги имаме заштедено, но како се доближува денот за свдбата, така сфаќаме, дека трошоците можеби ќе бидат многу поголеми, па така по се изгледа, ќе мора да земеме кредит. Нема да го развлекувам многу. Ќе го покријам со парите што ќе ги собереме од свадбата, вели тој.