Становите и натаму ќе поскапуваат

-Слаб интензитет на градежни активности, мал број нови постапки за доделување договори за јавни набавки, голем број поништени тендери, а со тоа изгубена можност за реализација, ја одбележаа работата во градежништвото и во високоградбата и во нискоградбата во годината што изминува, оценуваат за МИА од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија.

Растот на цената на енергенсите, енормните поскапувања на цените на градежните материјали и отежнатиот пристап до суровини во изминатиот период ги ставија во незавидна положба домашните градежни компании кои, потенцираат од Комората, во отсуство на мерки за поддршка на градежниот сектор, сами го понесоа товарот за справување со мулти кризата. Новите околности, надоврзани на претходните проблеми поврзани со недостаток на квалификуван кадар, ажурно администрирање на проектите и квалитетна регулатива, според комората, доведоа до значителен пад на градежништвото што се одразува и врз дваесетина други стопански гранки чиј ангажман го повлекува овој сектор.

Од Градежната комора при Стопанската комора на северозападна Македонија, ја карактеризираат 2022 како година што ќе се памети по огромниот пораст на цените на сите компоненти од градбата, а со тоа и на цените на становите.

-Овој драстичен пораст досега се нема забележано во последните 30 години, па мислам дека по ова ќе се памети најмногу оваа година што ја оставаме зад нас. Како најголем проблем кај градежниците при ваква ситуација е реализацијата на старите договори од претходниот период кога цените беа многу стабилни и имаше стабилна проекција без да се предвиди вакво драстично покачување на цените. Тоа доведува до големи проблеми во односите меѓу изведувачите и нарачателите, како и помеѓу инвеститорите и купувачите. Оваа појава е забележана и во високоградбите и во нискоградбите, го засегнува цел сектор, вели Салим Хасани, претседател на Градежната комора.

Хасани дополнува дека тој тренд продолжува во скоро сите аспекти, порастот на цените, како што истакнува, во голем дел од продуктите не застанува, квалификуваната работна сила континуирано се намалува, банките се порезервирани во поддршката на проекти, а и ги зголемуваат каматите.

-Ова значи дека уште ќе се покачуваат трошоците во целиот процес на градба, а тоа значи ќе има и поскапување на градежните продукти односно становите. Наша сугестија до сите релевантни фактори по процесот на градбата е во наредниот период што повеќе да се отвараат нови инвестиции со подобри услови за кредитирање и што помалку административни пречки за инвестициите. Ова сметам дека е најдобриот начин да се справиме со овој тежок период за сите. Тоа ќе значи и за нас како градежници и за граѓаните да имаат подобри понуди и поквалитетен живот, вели Хасани.