Среќата не е судбина, таа е резултат на нашата волја да стигнеме до неа

Многу често, ако ги прашаме луѓето што сакаат во својот живот, ќе ни кажат дека посакуваат да бидат среќни. Но, што е среќата и што ни недостасува за да бидеме среќни?

Среќата е многу високо на желбите на многу луѓе. Сепак, начините на кои луѓето ја доживуваат среќата се различни, така што можеме да кажеме и дека постојат различни дефиниции за среќа. Не постои универзална дефиниција за неа, бидејќи ако една работа некому носи среќа, за друга личност тоа е сосема неважно. Сите луѓе бараат среќа со малку или повеќе сила и упорност, но изгледа дека или тешко ја наоѓаат, или пак уште потешко, ја задржуваат таа среќа.

Низ историјата, разни мислители на различен начин ја опишувале среќата. Од грчките мислители, стоиците сметале дека среќата доаѓа само од моралното и праведно делување. На тој начин, доблестите како умереноста, рационалност и праведноста според нив се оние кои на еден човек можат да му донесат блаженство, задоволство и среќа. Од друга страна, Епикур сметал дека уживањето на земјата е најголемото добро кон кое треба да тежнеат луѓето за да бидат среќни. Според него, болката е најголемото зло кое треба да се избегнува.

Средновековното христијанство сметало дека среќата не земјата не е од големо значење и дека вистинската среќа се доживува по смртта, во единството со Бога. Секако, таквата среќа е условена од тоа како се однесуваме додека живееме и колку ги почитуваме општествените и религиозните вредности.

Во новата филозофија, Кант смета дека не е најважна човековата вредност туку исполнетата етика, односно морален закон. Во таа смисла, Кант е близок на христијанската филозофија. Според него, ако треба да избереме меѓу сопствената среќа и исполнувањето на нашата морална должност, среќата е помалку важна.

Артур Шопенхауер бил многу песимистичен во однос на среќата. Тој сметал дека живееме во еден од најлошите светови и според него среќата е само поставување ниски очекувања од животот. Ако не очекуваме ништо добро, тогаш нема да патиме поради неостварените желби и ќе бидеме задоволни со тоа што го имаме.

Во грчката филозоција, Каирос бил бог на среќата. Неговото име значи „вистински момент“. тој бил најмладиот син на Зевс и прикажан е како младич без облека, со голем реп на главата. Според митот, оној кој успеал да скокне високо и да го допре репот, се сметало дека доживува среќа.

Овој мит значи дека среќата е резултат на нашата волја да ја досегнеме. Таа не е судбина, ниту пак положба на ѕвездите или волја на боговите, туку резултат на нашата подготвеност да се осмелиме и да ја бараме, но и да ја зграбиме кога ќе дојде до нас.

Важно е да се прашаме себеси кои се нашите вредности за среќа, што е она за што се залагаме и што сакаме да постигнеме. Големите мислители ни понудиле мудри мисли, но на нас останува да ја одредиме вистинската дефиниција.