Спасителна акција три часа утрово на Галичица, лица заглавиле со моторно возило

Рано утрово, по повик на 112 во ЦУК, од 05.00 часот па до 08.00 имаше спасителна акција на Галичица, што е успешно завршена во координација на Секторот за операции и координација во ЦУК.

Конкретно, Регионалниот ЦУК Охрид, рано утрово, известува дека има заглавени лица со моторно возило на врвот на Галичица, иако тој патен правец е подолго време затворен за моторни возила. Веднаш се известени од Единицата за спасување на планина во Охрид, коишто, согласно временската видливост, итно се упатиле на терен за да помогнат и да ги извлечат, а секако и сите надлежни институции биле известени за натамошна постапка. ЦУК информира дека паралелно било комуницирано и со граѓаните од заглавеното возило за да се дознае повеќе за нивната состојба при што се информирани дека спасителите се на пат за нивно извлекување.

Инаку, согласно информацијата на АМСМ за сезонскиот режим на сообраќај, од 15.11.2023 година, патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови возила. се до 01.04.2024 година. На самото место била поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

Центарот за управување со кризи потсетува и апелира за превентивно дејствување против пожари, да не се палат стрништата и ниската вегетација во продолжениот викенд и секако, според препораките на пожарникарите, а и според индивидуалните согледувања од страна на граѓаните, да се внимава превентивно можности за евентуални пожари и во населени места.

Истовремено, ЦУК апелира и за внимателно возење на повисоките места каде што има снег и да не се вози по забранети патни правци на планините, како на пример преку Галичица.